Горан Козаров: Со сигурност за Битола ќе направам многу

„Мотивот на мојата активност билa, е, и ќе биде, подобар живот за сите нас, подобро место за живеење за сите мои сограѓани. Со тим од посветени професионалци, кои ја делат истата визија за подобра Битола, мислам дека можеме да ги имплементираме сите проекти и да дадеме еден правец за развој на градот, за наредната деценија“, вели Горан Козаров, кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ и актуелен директор на ЈКП „Водовод“ од Битола.

Јавност: Кратко претставување! Кој е Горан Козаров-приватно и професионално?

Горан Козаров: Пред сѐ e битолчанец. Моето образование го стекнав во Битола, од градинка, па сѐ до трета година во средното образование кога заминав во Америка каде го оформив моето средно образование. Иако можев да останам во Америка, се вратив и моето високо образование го завршив во Битола на Техничкиот факултет како магистер по индустриски менаџмент. Вљубеник сум на урбаниот живот, бидејќи растев на Широк Сокак, во центарот на градот, љубител сум на кафулињата, но во исто време растев уживајќи во убавините на Пелистер и се занимавав со повеќе спортови, како скијање и ракомет, а љубител сум и на екстремните спортови, особено возењето мотор.

Под професионално ја подразбирам мојата работа како раководител на ЈКП „Водовод“ и партиската активност во СДСМ. Со моето полнолетство започнува и мојот ангажман во политиката, тоа е од крајот на 1997 година. Се сеќавам на мојот прв ангажман во 1996 година како активист во кампањата на Томе Тромбев, тогашен кандидат за пратеник. Потоа следи и мојот ангажман како советник во Советот на Општината Битола и борбата во советот со политичкиот противник против деградицијата на Битола. Мотивот на мојата активност билa, е, и ќе биде, подобар живот за сите нас, подобро место за живеење за сите мои сограѓани. Мислам дека во тој дел доволно сум се докажал, во борбата за зачувување на Битола да биде таква каква што е, да ја задржи автентичноста и да биде урбано место, особено за младите. Низ вековите Битола била позната по тие анови, амами и места за забави по ноќни клубови, а тука биле и конзулите. Тоа е една традиција која се провлекува многу одамна и треба да се задржи и продолжи.

Јавност: Зошто одлучивте да се кандидирате за градоначалник на Битола?

Горан Козаров: Не може да се објасни во кратки црти, ќе треба да се вратам малку поназад. Мора да го објаснам мојот политички ангажман како советник во Советот на Битола. Од мојата младост, а и сѐ уште се водам од идеологијата на социјалдемократите за визијата на државата, промените во тој дел... јас ја паметам старата Касарна, време кога владееше друг систем во државата во Југославија, ги паметам и добро ги знам трансформациите на државата од осамостојувањето, па сѐ до денес. Во поново време во текот на мојот советнички мандат, добиената политичка битка против ВМРО-ДПМНЕ и доаѓањето на власт.

Свесноста дека јавните претпријатија, Општината и градот е таков каков што е, дека градот е руиниран и многу од граѓаните не се согласуваа со тогашното владеење на таа политичка гарнитура, ја покажаа и со бројот на гласови што ги добивме од нив. Потоа се направија промени на раководните позиции во сите институции, но беше многу мачен период. Знаеме дека општинските и јавните установи се многу гломазни, тешки и тромави, не беше лесно сето тоа да се стабилизира по владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Прекројување на целата таа визија, обратно од нивната замисла, да се преструктуираме во сите институции и да почне да се работи на подобрување на работите и остварување на плановите и тоа што е ветено на изборите. Тргнувам од каузата дека секогаш може да е подобро. Може да дојде помлад кадар со нова енергија и визија, а новите идеи не треба да не плашат. Умните и паметни луѓе со визија да ги земеме до нас и да им дадеме шанса подоцна тие да преземат. Бидејќи ние, како одговорни на институции, кои сме на позиции, сме само времени субјекти, а делата кои ќе ги направиме остануваат вечни. Ние за Битола можеме да кажеме дека има визионери кои го направиле Битола град. Од личности за пример, како Благој Мицевски, директор на „Водовод“ и Томе Делов, директор на ЈП „Стрежево“, биле само времено на тие позиции, но оставиле нешто што и ден денес ја афирмира Битола. За Битола и битолчани мислам дека секогаш треба да се даде максимумот, безрезервно и без калкулирање, и треба да се слуша гласот на народот.

Јавност: Како е конципирана вашата Програмата и на што се однесуваат клучните точки во истата? Што им нудите на битолчани?

Горан Козаров: Ова прашање концептуално многу се поклопува со мојата визија за Битола застапена во мојата предлог програма која ја поднесов заедно со апликацијата за мојата кандидатура. Во мојата програма визијата не е за 4 години, туку проекти кои ќе ја карактеризираат Битола за наредните 20 години. Живееме во информациска ера и времето не ни стига за да направиме сѐ. Времето ни е најскапоцено и мораме да се прилагодиме. Ако не се прилагодиме и ако не фатиме чекор со проектите и со темпото со кое се развиваат другите држави, мислам дека ќе го чекаме последниот воз и за Битола ќе биде доцна, ќе останеме „слепо црево“. Развојот на Европа е многу видлив, значи мораме да се отвориме. Целата визија на СДСМ и борбата за влез во ЕУ е младите да останат тука и Европа да ја донесеме тука. Морето ни е на 200 km, планината на 13 km, географската поставеност на Битола нѐ случајно низ годините била на патот „Виа Игнација“, на патот на Солунскиот - Јужен фрон за време на Балканските војни, едноставно, тука се вкрстувале сите патишта. Затоа мислам дека ова е еден од клучните моменти да фатиме чекор со визијата за Битола, да ја преструктуираме Битола, и да ја поставиме на патот кон иднината, зборувам за пат, за визија за долгорочни проекти. Не смееме да правиме проекти за година -две, мораме да се отвориме долгорочно барем 20 години за да можеме да донесеме нешто и да го развиеме градот.

Јавност: Зошто токму вас да ве изберат граѓаните? Што ве издвојува од останатите кандидати?

Горан Козаров: Граѓаните ќе одлучат на денот на изборите. Моментално имаме внатрепартиска и граѓанска анкета и се евалуираат сите кандидати. Има повеќе начини на разгледување на доставените програми. Се евалуираат сите, се вкрстуваат тие анкети, внатрепартиска, граѓанска, раководството на СДСМ има повеќе начини на разгледување, почнувајќи од доставената програма од страна на кандидатите, досегашниот ангажман, што и како имаме направено, секој во својата област. Сето тоа се евалуира, се анкетираат граѓани и партиското членство и мислам дека ќе излезат со најдоброто решение за овој момент. Не можеме да речеме дека најдобриот кандидат, туку најдоброто решение за овој момент. Бидејќи Програмата која ја нудиме и условите кои се моментално на политичкиот простор, ќе се спојат и ќе излезе најдоброто за овој момент. Можеби во некој следен период некој друг ќе биде подобар како кандидат, но во овој момент како што налагаат условите, мислам дека ќе го изберат најдоброто.

Конкретно околу довербата, би се навратил на мојата драфт-програма, дел од неа, мало буклетче кое е поднесено и во кое за сите сфери имам дадено предлог решенија за дел од проблемите. Мислам дека тоа ќе биде препознаено, како и досегашниот мој ангажман и тоа што следи, и мојата љубов кон Битола. Мојата визија за Битола, преточена во мојата програма е еден спој и знам дека можам да одговорам на проблемите на граѓаните, да ги решавам, се разбира, со тим на поддржувачи и луѓе кои ќе работат со мене. Со тим од посветени професионалци влубеници во Битола, мислам дека и тоа како, можеме да ги имплементираме сите проекти и да дадеме еден правец за развој на градот, а сето останато да биде тековно одржување. Како во едно семејство кое има долгорочна визија, желби и идеи, а тековните работи како пазарење, храна, дружење е секојдневно и тековно, значи да имаме развој меѓу проекти и тековно работење.

Јавност: Која е вашата визија за Битола?

Горан Козаров: Мојата визија за Битола е пред сѐ европска. Градот мора визуелно и функционално да се подобри, да се отвори кон другите градови, да направиме подобра, модерна, безбедна патна инфрастуктура. Одговорните лица да си ги знаат ингеренциите и да лобираат за да се направат патишта и инфраструктура за да се поврзе Битола. Граѓаните многу добро ги знаат проблемите на градот и постојано ги посочуваат. Треба само да се насочиме кон решавање на истите. Битолчани бараат реализација на неколку проекти наназад 20-30 години и ниту една политичка гарнитура не успеала да ги реализира досега. Стадионот можам да кажам дека е еден многу голем проект за кој Општина Битола презеде голем товар да го реализира, а има уште неколку такви проекти кои може да се реализираат. Битола треба да ги затвори тие неколку крупни прашања за решавање на дел од урбаниот живот на луѓето. Модернизацијата и следење на трендовите како „вело патеките“, грин проектите мора да се следат. Битола има многу добра местополжба, имаме житница и планина. Планината е мислам иднината на градот Битола. Порано можеби беа фабриките и производствените погони кои изумреа во време на транзицијата. Граѓаните пред сѐ мора да се задоволени со работниот статус, за да има мир и да можат да ги уживаат и останатите благодети. Тука е менаџирањето и носењето на уште неколку крупни проекти како што е „Кромберг и Шуберт“ и носење на такви системи на работа, како и поттикнување на локалните бизниси, помали бизниси, да се создадат услови за нивно ширење и реализирање на помали проекти кои ќе вработаат наши сограѓани. Битола наместо да се промовира со ефтина работна сила, треба да се промовира со стручна работна сила, која ќе биде пристојно платена, бидејќи животниот стандард се крева. Кога ние ќе создадеме услови приватниот сектор да дава приближно или повисока плата од државниот сектор, мислам дека државните компании нема да се атрактивни. Сметам дека приватниот сектор е покреативен од државниот, а тоа и ги привлекува младите креативци кои сакаат да бидат слободни и да творат. Така што, има простор за сѐ, треба да се отвори тој пазар и Битола да се испромовира на многу добар начин, и да се олеснат некои услови за влез на нови бизниси и креативност. Кажав дека планината ни е иднината и верувам во тоа. Јас сум по потекло од Нижеполе, од планинско село, мојот татко е оттаму. Мислам дека тие убавини кои ги имаме треба да ги испрезентираме и да се создадат услови да дојдат компании, луѓе, визијата е натаму. Можат да се направат екстремни спортови, со велосипеди, планинарење, скијање. Развој на руралниот туризам, знаеме дека планинските села се познати по јагниња, овци, добиток, значи млечни производи, а тоа е многу малку испромовирано. Како што Галичник е бренд за кашкавалот и сирењето, ние можеме да го направиме тоа со потпелистерските села, да имаме бренд по кој ќе не препознаваат. Веќе тоа на некој начин заживува, но недоволно. Приватници кои почнале многу одамна, гледаме дека станале успешни угостители со објекти во потпелистерието. Треба да се развие селскиот туризам, мислам дека тоа е иднината на градот. Наоколу имаме многу добро поставена инфраструктура. Многу луѓе доаѓаат и ја уживаат Битола, но ние не знаеме. Немаме создадено еден имиџ каде ќе дојдат и ќе ја препознаат и ќе им остави впечаток за да ја препорачаат. Значи, не само да разговараат со своите пријатели, туку и да ја препорачаат. Во последно време сведоци сме на неколку планинарски натпревари екстремни за трчање, планинарење - алпинизам и по тоа стануваме препознатливи. Отсекогаш сме биле препознатливи по скијањето на Пелистер, една Јаница Костелиќ тука се учела да скија и мислам дека тие вистинити приказни за Пелистер, Копанки, треба да ги искористиме и да ги развиеме. Тоа да премине во приказна која ќе се слушне подалеку и ние ќе привлечеме туристи. Но, сето тоа, особено нерешените работи околу приватна - државна сопственост, не ни дозволуваат брзи разрешници. Приватниот сектор не трпи долги и бавни разрешници. Треба брзо и експедитивно да се одлучува. Иднината мислам дека е тоа, менаџирање, брзи одлуки и решавање на проблемите на граѓаните во многу краток период и не оставање под тепих. Нема исправни одлуки, ако денес е исправна, утре можеби за друг нема да биде, но во тој момент била најисправна. И само така можеме да се движиме напред, макар и да преземеме одреден ризик, но без ризик нема прогрес.

Јавност: Што ќе биде ваш прв приоритет доколку граѓаните ви ја дадат довербата?

Горан Козаров: Знам дека заедно ќе успееме. Познавајќи се себеси, кога ќе се зафатам за една работа, не признавам неуспех. По било која цена сакам да успеам и да докажам дека визијата ќе ја реализирам. Ако не успеам во едно, ќе се обидам повторно, па ќе се обидам и по трет пат, оти не сум тип кој се разочарува и многу сум упорен. Имам толку многу идеи и проекти и мислам дека само 50 % да се реализира, ќе биде голем успех. Знам во што влегувам и во што влегов и во „Водовод“ и го знам патот што треба да се изоди. Денес како прв човек на ЈКП „Водовод“, можам да кажам дека резултатите постојат и видливи се на сите полиња. Мојот ангажман беше да се промени пристапот на човечкиот фактор кон работата, односно, мораме прво да ги промениме луѓето, да ги донесиме до едно ниво да почнат да размислуваат како тој што ја води компанијата и заеднички да ја водиме и имплементираме визијата за претпријатието, бидејќи само тимската работа води кон успех од кој ќе имаат благодет сите вработени. Кога вработените ќе ја препознаат визијата на раководителот, синергијата во делувањето неминовно води кон успех. Мотивот на мојата активност билa, е, и ќе биде, подобар живот за сите нас, подобро место за живеење за сите мои сограѓани. И со сигурност ќе направам многу за мојот град, за Битола!

Интервјуто е преземено од месечникот „Јавност“.

04.08.2021 - 14:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега