Во делови од Тексас, Оклахома и Канзас, како и на источниот брег на САД, веќе падна снег, што најавува голема зимска бура која, според прогнозите, ќе се развие викендов и ќе се протега од Карпестите Планини до крајот на Источниот брег. Американските власти информираат дека бурата ќе биде проследена со леден арктички бран.
Метеоролошките служби предупредуваат на обилни снежни врнежи, замрзнат дожд и екстремно ниски температури, кои ќе зафатат околу две третини од источниот дел на САД. Се очекуваат прекини во снабдувањето со електрична енергија, како и сериозни нарушувања во сообраќајот.
Големите американски авиокомпании ги повикаа патниците на зголемена претпазливост, предупредувајќи на можни доцнења и откажувања на летови поради неповолните временски услови.

