Голема материјална штета од невремето во Виничко

Голема материјална штета направија силниот ветер и обилниот дожд што во четвртокот доцна попладне ја зафатија територијата на општина Виница.

Паднати дрвја, блокирани патишта, оштетени кровови, прекини на електродистрибутивната мрежа се последица од природната непогода во која настрадаа и градот и дел од околните населени места.

-Невремето траеше десетина минути и зад себе остави вистински пустош. Оштетени се покриви на објекти, а најмногу настрада лимената покривна конструкција на една колективна станбена зграда. Сериозни штети претрпеа и големи површини со лозја и овоштарници, каде родот за оваа сезона е целосно уништен. Екипи на Територијалната противпожарна единица, на комуналното претпријатие „Солидарност“ и од Електродистрибуција веднаш излегоа на терен за да обезбедат побрзо нормализирање на сообраќајот и санирање на електродистрибутивната мрежа. Сепак, последиците од невремето се видливи и денеска. Веќе имаме пријави од граѓаните, поради што ја активиравме општинската Комисија за проценка на штети и очекуваме за неколку дена да имаме целосен увид во мсостојбата, истакна градоначалникот на Виница, Миле Петков.

Екипи на ЈКП „Солидарност“ и денеска работат на отстранување на паднатите дрвја на неколку локација во Виница и населените места, а на терен се и екипи на ЕВН Македонија.

Претпладнево жителите на селото Јакимово повторно добија напојување со електрична енергија, а прекинот на електроснабдувањето во селото Истибања сè уште не е остранет, поради што отежнато е обезбедувањето вода за пиење од водоводната мрежа.

24.06.2022 - 13:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа