Во Институтот за јавно здравје денеска беше отворено психолошко советувалиште за деца и адолесценти, прво од ваков вид во државата, кое ќе обезбедува стручна поддршка за деца, тинејџери, родители и наставници преку системот „Мој термин“, соопшти директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.
Како што истакна Андоновска, отворањето на советувалиштето е дел од пошироките активности за унапредување на здравствените услуги и враќање на довербата на граѓаните во институциите.
„Денеска имавме чест заедно со гостите за првпат да го отвориме психолошкото советувалиште за деца и адолесценти, кое е единствено од ваков карактер во државата. Има за цел стручни лица да работат со деца, со тинејџери, родители и со наставници за надминување на емоционалните, семејните и училишните предизвици. Ќе се водат разговори, ќе се даваат насоки, и тоа не само за надминување на проблемите туку и за понатамошен емоционален развој, за комуникациски вештини и надминување на сите оние бариери со кои се сретнуваат децата или проблемите во текот на животот во предучилишна возраст, во училишна возраст и малку кај постарите“ – истакна Андоновска.
Услугите, додаде, ќе бидат достапни преку упатување од матичен лекар и системот „Мој термин“, со што граѓаните ќе добијат пристап до психолошка поддршка во рамки на јавното здравство.
„На овој начин ќе има можност преку „Мој термин“, преку нивните матични лекари, да можат во секое време да дојдат и да ги искористат услугите, а сето тоа ќе оди во насока на надминување на сите оние бариери и предизвици со кои се соочуваат и децата, и тинејџерите во општеството“ – вели Андоновска.
Покрај отворањето на советувалиштето, во Институтот беше презентирана и нова медицинска и лабораториска опрема, како и апаратура која претходно не била ставена во функција. Станува збор за активирање на скапа опрема што со години не била користена, како и за пуштање во употреба на донирана станица од Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) за следење на радиоактивноста во воздухот. Истовремено, ИЈЗ ја проширува и листата на лабораториски услуги во државното здравство.
„Институтот ги презема и овие дијагностики за да ги врши сите, со цел да им овозможиме на луѓето кои немаат доволно средства да го прават тоа во приватните лаборатории, да можат да го прават и во државното здравство“ – рече Андоновска.


