Годинава во Куманово осум лица заболеа од морбили

Зачестена дезинфекција, обезбедени изолациони соби за сомнителни случаи на заразени од мали сипаници и за хоспитализација се дел од мерките што ги преземаа кумановската болница и Центарот за јавно здравје Куманово, откако се зголеми бројот на заразени од морбили со потекло од Куманово информираа денеска, одговорните од двете здравствени установи. На состанокот што го одржале вчера претставниците на комисијата за интрахоспитални инфекции одлучиле и  да се ограничи посетата во кумановската болница.

Шестмесечно бебе кое неделава било хоспитализирано во Козле, а потоа и во кумановската болница, е заболено од морбили и е префрлено на Клиниката за инфективни болести во Скопје..

Доктор Јадранка Стаменковска од Центарот за јавно здрвје Куманово информира дека од почетокот на годинава, досега, вкупно осум лица од Куманово се заболени од мали сипаници. Шест се деца, од еден до осум месечна возраст и епидемиолошки се поврзани со хоспитализацијата на Институтот за белодробни заболувања во Козле, а две се возрасни лица од 21 и 28 години, кај кои нема епидемиолошка поврзаност. Едното дете почина, за што веќе информираа од Скопје.

Според податоците на Центарот, загрижувачки низок е опфатот на децата вакцинирани против морбили во Куманово и изнесува 49, 2 во градските средини, додека во приградските населби и села опфатот е 91,5 проценти Со ревакцинација опфатот изнесува 89 проценти.

-Токму поради тоа очекуваме да расте бројот на заболени во наредниот период, иако мора да се каже дека по прогласувањето на епидемијата во Скопје, расте бројот на вакцинирани деца во Куманово, така што од почетокот на годинава изнесува 270 од кои кај родените во 2017, според календарот се вакцинирале 161 дете, а со ревакцинација опфатени се  131 ученик-изјави Стаменковска.

Таа уште еднаш апелираше до родителите да ги вакцинираат децата, бидејќи појасни, со тоа се спречува и појава на епидемија и додава дека кај децата кои се заразени, а кои не подлежат на вакцинација, клиничката слика при заболувањето е многу потешка со компликации.

Надлежните од здравствените установи очекуваат бројот на заболени да расте во наредниот период.

Екипите на Центарот за јавно здравје по прогласувањето на епидемијата во Скопје, извршиле увид во вакциналниот статус кај децата, згрижени во градинките во Куманово и укажале дека невакцинираните мораат да се вакцинираат.

Што се однесува до грипот, во Куманово циркулира грип од типот  A (H1), што е утврдено со лабараториски испитувања. Бројката на заболени се очекува да расте, кон почетокот на март, а последната недела е зголемена и изнесува 236. Од почетокот на сезоната, пак регистрирани се вкупно 596 заболени од грип.

На вакцинација против морбили апелираше и доктор Агрон Сулејмани, началник на детското одделние од Куманово. Тој информираше дека кај нив две деца од почетокот на прогласувањето на епидемијата престојувале во болницата, останатите биле амбулантски прегледани и веднаш префрлени на инфективната клиника.

-Нема подобра заштита од вакцинација. Родителите не треба да се едуцираат од социјалните мрежи за вакви болести. Жално е што во 21 век се соочуваме со епидемија за болест која може да се спречи со вакцинација -дециден е Сулејмани.

Во 2009/10 година во Куманово  беше прогласена епидемија на морбили и тогаш бројката  на заболени изнесуваше 100 лица. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.02.2019 - 14:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега