Денес, на Светскиот ден на волонтерството, со гордост се приклучувам како волонтер во активностите на Црвениот крст, напиша на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

На 5 декември, целиот свет оддава признание на волонтерите, на сите оние кои несебично го даруваат своето време, енергија и добрина за да ги зајакнат нашите заедници.

Овој ден е силен потсетник за важноста на волонтерството, но и повик до институциите и граѓаните да ги поддржат волонтерските организации и нивната хумана мисија.

Токму затоа, денес заедно со претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски, се приклучуваме на активностите организирани од Црвениот крст на Република Македонија – Црвен крст на Град Скопје.

Заедно со група пратеници од Собранието на Република Македонија, ќе учествуваме во хуманитарни и социјални активности низ градот, посветени на оние кои најмногу имаат потреба од наша поддршка.

Овој чекор е јасен показател за институционалната поддршка која волонтерството ја заслужува, една од темелните вредности на Црвениот крст и клучен двигател за создавање посилни, похумани и поотпорни заедници.

Преку активности за поддршка на стари и изнемоштени лица, помош за ранливи категории како бездомните и лицата со попреченост, како и преку учество во хуманитарни иницијативи, испраќаме порака дека волонтерството е чест и привилегија.

И оваа година, Град Скопје стои рамо до рамо со волонтерите како поддржувач, сојузник и активен учесник во создавањето на поодговорно, похумано и посолидарно општество, стои во објавата на ФБ на Ѓорѓиевски.

Exit mobile version