Граѓанско-научната космичка агенција на Македонија (ГНКА) официјално поднесе Предлог за измени и дополнувања на Националната стратегија за образование 2026–2032 до Министерството за образование и наука, Владата, Собранието и Претседателот на Р. Македонија.
По спроведена стручна анализа, Експертската работна група утврди дека Националната стратегија за образование 2026–2032 не го опфаќа космосот, космичкото образование, космичките науки, вселенските истражувања, космичките апликации или иновации.
Овој стратешки пропуст е сериозен, имајќи предвид дека космичките науки и технологии денес се клучна основа на современото образование, научниот развој, научниот суверенитет, дигиталната трансформација и зелената транзиција, како и составен дел од меѓународните образовни политики.
Дополнително, се создава структурен јаз меѓу македонското образование и меѓународниот развој, со што македонските ученици и студенти се ставаат во нерамноправна позиција со нивните врсници во светот.

