Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, упати празнична честитка до граѓаните по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј.
Во својата порака, Ѓорѓиевски го истакнува историското значење на солунските браќа во процесот на воспоставување на македонската писменост и идентитет.
„Нека е за многу Денот на светите Кирил и Методиј, македонските и сесловенски просветители! Денес го чествуваме делото на светите браќа Кирил и Методиј, чии заслуги се трајно врежани во светската историја, во духовната меморија на народите и во темелите на нашата писменост, култура и идентитет. Од Моравската мисија, започната токму на овој ден, се отвори патот на словенската писменост и духовност, што низ вековите ја обликуваше нашата денешнина и ни остави аманет што мора да го чуваме со достоинство“, истакнува тој.
Тој потенцираше дека зачувувањето на јазикот и културните вредности претставува клучна обврска на сегашните генерации кон предците и потомците.
„Нивното дело е завет. Завет дека јазикот, писменоста, верата, културата и идентитетот се најсилните столбови на еден народ. Наша должност пред идните генерации е да го сочуваме и пренесеме ова свето наследство. Нека е вечно името на светите браќа Кирил и Методиј. Нека ни е за многу години големиот празник!“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.


