Успешно спроведена акцијата „72 часа“ – Скопје е чист град, напиша на својот Фејсбук профил градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Вечерва ја завршивме акцијата за генерално чистење на Скопје, соопшшти синоќа Ѓорѓиевски.

„Како што ветив пред скопјани, така и направивме.

Покажавме дека со работа, организираност и посветеност, можеме видливо да ги поправиме работите.

Повеќе од 2500 луѓе беа вклучени во оваа акција, стотина возила собраа над 4500 тони смет од скопските улици.

Со огромно задоволство можам да констатирам дека акцијата е успешно реализирана.

Иако состојбата на теренот беше речиси нереална за да се изведе во ваков краток рок, ние успеавме“, нагласи Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски посочи дека покрај чистењето на сите микролокации околу контејнерите, започнавме и со расчистување на речното корито на Вардар, кое по долги години конечно тече нормално.

„Исчистен е и плоштадот, целосно се третираше кејот, како и Градскиот парк, Жена парк и сите останати локации кои во минатото беа симбол на запоставеност и срам.

Сакам јасно да порачам дека нема да дозволам повторно да ја гледаме грдата слика на валкано и запуштено Скопје“, рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски ги повикува граѓаните да се однесуваат одговорно кон својот град, да го почитуваат јавниот ред и да го одлагаат отпадот совесно.

„Толеранција, нема да има.

Во текот на акцијата изречени се повеќе од 40 казни и 70 опомени за физички и правни лица.

Ова, почитувани, не е крај.

Од утре продолжуваме со истото темпо на работа, решителност и љубов кон Скопје.

Сликите од минатото ќе останат таму каде што им е местото, а иднината што заедно ќе ја изградиме ќе биде чиста, уредна и достојна за сите нас“, истакна Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски упати голема благодарност до неговиот тим, до сите кои беа вклучени и помогнаа, како и до медиумите кои објективно го следеа целиот процес.

Продолжуваме – за чисто, уредно и достоинствено Скопје!, потенцираше Ѓорѓиевски.

Exit mobile version