Еден од најпрепознатливите симболи во центарот на Скопје, подната фонтана на плоштадот, повторно ќе биде ставен во функција по долгогодишен период на запуштеност и нефункционалност, објави градоначалникот на град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Во тек е реализација на темелна реконструкција која не претставува само сервисирање, туку целосно и трајно решение за системот. Станува збор за комплексна интервенција што опфаќа специјализирана опрема произведена во Германија, како и автоматизиран систем кој бара прецизно усогласување и целосно враќање на функционалноста.
Паралелно со сервисирањето на опремата, се изведуваат и значајни конструктивни подобрувања. Постојната носечка подконструкција, изработена од пластични носачи кои поддржуваа бетонски плочи со тежина од околу 100 килограми по елемент, се заменува со нова конструкција од иноксни профили, проектирана да издржи значително поголеми механички оптоварувања. Со ова трајно се подобруваат стабилноста, безбедноста и долговечноста на целиот систем.
Со обновата, фонтаната повторно ќе стане место за средби, детска игра, фотографии, прошетки и убави спомени, враќајќи ја живоста во срцето на градот и повторно претворајќи се во едно од најатрактивните обележја на Скопје.
Истовремено, се реализира и замена на оштетените плочки на потегот од Порта „Македонија“, со што централното градско подрачје добива поуреден, побезбеден и подостоинствен изглед.
Овие активности се дел од заложбите за обновување на јавните простори и создавање квалитетна градска инфраструктура што ќе им служи на граѓаните во наредните години.


