Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, утрово присуствуваше на Божествената литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, со која чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. Преку својот Фејсбук профил, тој упати порака во која нагласи дека молитвата и заедништвото се клучни потсетници за силата на верата и единството.

„Христос се роди!

Божиќ е празникот што тивко нè собира околу највредното, семејството.

Тој нè потсетува колку е света слогата меѓу најблиските, колку е важно да стоиме еден покрај друг, да се држиме заедно и безрезервно да си бидеме поддршка, и во радост и во искушенија.

Божиќ е и најрадосниот празник, празник на Христовото раѓање, празник на животот, надежта и љубовта.

Ден кога срцата се отвораат, а добрината станува наша најсилна порака.

Денес, во духот на овој свет празник, присуствував на Божествената литургија во Соборниот храм, со која чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.

Молитвата, заедништвото и духовниот мир уште еднаш нè потсетија на силата на верата и значењето на единството.

Посакувам во секој дом да има многу љубов и здравје, мир, среќа и бериќет.

Нека секој нов ден биде благословен со успеси, спокој и вера во подобро утре.

Да бидеме добри луѓе, со чисто срце, со разбирање и почит еден кон друг.

Да простуваме полесно, да сакаме повеќе и да не заборавиме дека вистинската сила се раѓа во добрината и човечноста.

Да останеме сплотени, со меѓусебно разбирање и топлина во семејството, затоа што токму тоа е темелот што нè носи низ сите препреки и предизвици на нашите животни патеки.

Нека светлината на Христовото раѓање ги осветли нашите домови и срца.

Честит Божиќ. За многу години!“, стои во ФБ статусот на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски

Exit mobile version