Во рамки на теренската посета „Блиску до народот – доследни на зборот“, во организација на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во општина Кисела Вода се одржа средба со граѓаните, на која тие ги споделија своите идеи, предлози и проблеми, информираат од прес-службата на Град Скопје.

На средбата присуствуваа претставници на институциите, директори на јавни претпријатија, како и градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска-Трајкоска. Беше истакната заложбата институциите да бидат директно присутни меѓу граѓаните и навремено да одговараат на нивните потреби.

Во отворен разговор со присутните беа разгледани актуелните проблеми со кои се соочуваат жителите на Кисела Вода, тековните проекти што се реализираат, како и идните планови за развој на Скопје. Од средбата беше испратена порака дека вистинските промени се создаваат преку директна комуникација и заедничка работа на терен.

Од Град Скопје најавуваат дека теренските посети „Блиску до народот – доследни на зборот“ ќе продолжат и во другите скопски општини, со цел институциите да останат достапни и поблиску до граѓаните.

Exit mobile version