Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари прва работна средба со новоизбраниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ. На средбата беше подвлечено дека фер и демократска атмосфера мора да биде императив за сите институции вклучени во изборниот процес.
Денес, во својство на претседател на ЗЕЛС, остварив работна средба со новоизбраниот претседател на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ и членовите на ДИК, истакна Ѓорѓиевски.
„Разговаравме за актуелните предизвици и за координацијата меѓу институциите во пресрет на изборните процеси што следуваат во иднина.
Непреченото спроведување на изборите во фер и демократска атмосфера мора да биде императив за сите – и за институциите и за секој граѓанин.
Наша заедничка обврска е изборните процеси да поминат во најдобар ред, со целосно почитување на законските процедури и со високо ниво на транспарентност и одговорност“, посочи Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски реча како ЗЕЛС, остануваме посветени на поддршка на општините, со цел навремено и ефикасно да одговорат на сите барања и насоки на ДИК.
„Дополнително, на средбата беше отворено и прашањето за реализирањето на законските обврски на Градот Скопје кон градската изборна комисија, кои беа целосно подмирени уште во јануари 2026 година.
Согласно правилникот на ДИК, обврската за исплата на членовите на општинските изборни комисии е во надлежност на самите општини.
Продолжуваме со соработка, дијалог и координација, во интерес на демократските вредности и довербата на граѓаните“, потенцираше Ѓорѓиевски.


