Новоизбраниот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски на конститутивната седница во Советот рече дека денес стои пред почетокот на едно ново, убаво поглавје за нашиот град.

-Оваа прва конститутивна седница на Советот на Град Скопје е чин каде што испраќаме силна порака дека демократијата живее преку одговорноста, соработката и визијата за подобро Скопје. Овој Совет, избран со доверба од граѓаните, има историска задача да го насочи Скопје кон стабилен, функционален и одржлив развој. Да покаже дека кога политиката ќе ги стави интересите на граѓаните пред сè, резултатите се видливи, конкретни и трајни. Нема време за експериментирање, туку за работа. Работа веднаш, рече тој.

Посочи дека неговата цел е да создаде град кој ќе биде пример за чистота, ред, транспарентност и современ урбан развој.

-Град во кој граѓаните ќе се чувствуваат безбедно, гордо и рамноправно. Скопје е срцето на Македонија. Ова е град со историја, традиција, култура и младост. Нашата мисија е да ја зајакнеме оваа енергија, да го направиме Скопје место каде што младите ќе останат, каде што семејствата ќе се развиваат, а сите граѓани ќе живеат достоинствено. Во наредниот период ќе се фокусираме на неколку клучни приоритети: Да обезбедиме ефикасен јавен превоз, но и да го модернизираме, кој ќе ги поврзува сите делови на градот. Ќе вложуваме во нови автобуси, подобрување на сообраќајната сигнализација и безбедноста на улиците. Завршува времето кога Скопје беше град на депонијата. Уште вчера, од првиот ден од преземањето на функцијата градоначалник ја започнавме генералката за чистење на градот. И тоа нема да биде само 72 часовна акција – тоа ќе продолжи во континуитет, секој ден. И ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сѐ се може. Тоа, всушност е наша обврска, за тоа граѓаните нѐ плаќаат. Чистиот воздух, почитувани, многу зелени површини и решенија за отпадот се темелите на еден здрав град. Скопје мора да стане лидер во еколошките политики, со конкретни и видливи резултати.
Нема да дозволам урбанизацијата да биде хаотична, туку планирана и во интерес на граѓаните. Тоа го покажав во Кисела Вода, а така ќе биде и во градот Скопје. Ќе се залагаме за рамнотежа меѓу развојот и заштитата на јавниот простор, рече тој.

Градоначалникот истакна дека младите се двигател на секоја заедница.

-Затоа ќе обезбедиме поддршка за младински проекти, иновации, културни иницијативи и спорт. Градот ќе биде партнер, а не пречка за младите. Транспарентноста е исто така еден од врвните приоритети на кои се фокусираме. Скопје од вчера е отворен град за сите. Граѓаните мора да знаат како се користи секој денар од градскиот буџет. Ќе обезбедиме јавен пристап до сите информации, отворени податоци и отчетна администрација. Почитувани советници, вашата улога во оваа приказна е клучна. Без разлика на политичката припадност, сите сме тука за една заедничка цел, да го направиме Скопје подобро место за живеење. Очекувам овој Совет да биде извор на идеи, визии и решенија а не на поделби. Да покажеме дека знаеме да соработуваме кога станува збор за интересите на граѓаните. На граѓаните им должиме чесност, посветеност и конкретни резултати. Наша обврска е да ја вратиме довербата во институциите и да покажеме дека локалната власт може да биде пример за професионалност, интегритет и ефикасност. Дозволете ми да изразам огромна благодарност до жителите на Скопје кои ја поддржаа нашата визија, нашиот искрен пристап и препознаа дела наместо празни зборови. Благодарност и до Советот за кој сум убеден дека одлуките ќе ги носиме со консензус, а само и само во интерес на скопјани. Верувам дека заедно, со визија, труд и одговорност, ќе изградиме модерен, чист и достоинствен град. Скопје какво што заслужуваме сите, рече Ѓорѓиевски.

Exit mobile version