Ѓоргиев: Делчев е значајна личност за Македонија и Бугарија, ако тоа е пат за помирувањенема пречки двете држави да го слават

Генерално, погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка. Историските контроверзи, недоразбирањата и историографските спорови треба да ги решаваат историчарите, а не политичарите. Комисијата треба да биде оставена да работи без мешање и притисок. Политиката треба да отвори простор за Комисијата, а не обратно“, кажа македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања за Дојче веле.

„За мене, најболно беше сознанието колку малку се познаваме како општества, а од друга страна очекувањата станаа големи. И затоа кога нема да се согласиме за некое прашање, тоа болно го доживуваме. Во Бугарија се разочараа, бидејќи се надеваа дека овде лесно ќе ја наметнат нивната перцепција и дека таа ќе биде прифатена. Бугарското вето овде болно се доживеа, бидејќи се сметаше дека ќе преовладее блискоста. Тоа е резултат на фактот дека малку се познаваме. Ни треба време за да дискутираме, ако треба и да се караме, се разбира, на научно ниво, со цел подобро да се запознаеме, и за да не ги креваме очекувањата неосновано, туку да ги држиме на разумно ниво, на долг рок. Така разочарувањата ќе бидат помали, а многу поголемо времето посветено на дијалог. За да го скршиме мразот ни треба и време, и дијалог и трпение“, потенцира Ѓоргиев.

„Не треба да се создава тензија. Дијалогот треба да продолжи, бидејќи само така еден на друг ќе можеме да си кажеме што мислиме, и да најдеме пристапи преку кои ќе ги надминеме стереотипите. Ни треба пристапот на мултиперспективност, во кој ќе се почитуваат различните наративи, а не да се наметнуваат. Не треба да се делува избрзано, под притисок на политиката, бидејќи тоа е погубно: можеби ќе има резултати на краток рок, но тоа би било со долгорочни последици“, оценува историчарот.

 

На 3-ти и 4-ти декември македонските и бугарските историчари ќе имаат нова, овојпат онлајн средба, на која ќе ги продолжат разговорите таму каде што застанаа на претходната: македонските учебници по историја за седмо одделение, бугарските учебници по историја за петти и шести клас, и - за Гоце Делчев. По шпекулациите дека можен компромис во разговорите меѓу политичарите, би бил  Гоце Делчев да се слави како „бугарски и македонски јунак“, Ѓоргиев објаснува какви се ставовите по ова прашање во Комисијата.

„Не е основно прашање, ниту работа на Комисијата да го утврдува идентитетот на Гоце Делчев. Тој е важна личност во историите на двете држави. За Македонците е македонски национален херој, за Бугарите е бугарски национален херој. Се слави и овде и таму. Ако тие перцепции се почитуваат, ако Делчев е значајна личност за двете држави, ако тоа е пат за помирување и пат кон европската перспектива, нема пречки двете држави да го слават заеднички“, вели Ѓоргиев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.11.2020 - 09:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега