Ѓорчев: Мотивиран сум затоа што џигерот ме боли додека гледам што и прави Заев на Република Македонија

Мотивиран сум затоа што џигерот ме боли додека гледам што ѝ прави Зоран Заев на Република Македонија. Мотивиран сум затоа што само така ќе победиме, не само со еден туку со 15 настани дневно, рече Влатко Ѓорчев на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ на која се избира претседателски кандидат.

– Апсолутно како и секогаш со цело срце ќе го поддржам секој кандидат кој оваа конвенција ќе го избере. Од понеделник тргнуваме заедно сложени. Нема место каде нема да појдеме. Втора работа, кандидат за премиер на ВМРО-ДПМНЕ е нашиот лидер Христијан Мицкоски, партијата е обединета сплотена и сложна – рече Ѓорчев пред да ги повика делегатите да  гласаат за него.

Една од првите работи за кои тој зборуваше беше промената на името.

 

– Кога ќе дојде време да ги вадат таблите, а веќе ги вадат, ако треба нека ни ги дадат нам ќе ги чуваме и по подруми и по тавани, ќе дојде време кога повторно ќе ни требаат. Тоа е нашиот аманет, Република Македонија. Мојата програма ќе биде истата онаа која сме ја гласаме на конгреси, пред централни комитети, пред граѓаните. Во врска со најважниот проблем за претседателските избори, ризикот од полнење на кутии. Лично сум бил десет пати набљудувач на кутии на разни избирачки места, повторно ќе го направиме тоа, ќе го покриеме теренот. Оние кои мислат да полнат кутии ќе им биде порачано од многу сериозни места да не помислат на тоа. Затоа што ризикуваат црни листи. Нека го знаат тоа. И ние не сме без адути – рече актуелниот пратеник и конкурент на огласот на ВМРО-ДПМНЕ.

Како претседател на Република Македонија, рече тој, се обврзувам да отидам на најважните места каде се креира светската политика и да се борам за Македонија со целото свое свце, а не како Зоран Заев и Никола Димитров каде се е на продажба.

– Во првите три месеци ќе остварам средба со претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе појдам во Европската Комисија, во Брисел, во Берлин, секаде ќе ја кажам вистината за Македонија. Јас сум кандидат и на врмовското срце. На сите пет изборни единици кога сум бил носител на листа сме ги имале најубедливите победи. Дајте ми можност, ќе го победиме СДСМ, гласајте за победник што знае што се избори. Не може од опозиција да се победи на 27 години Никола Поповски и Тито Петковски на 29 години ако не се има стратегија како да се допре до неопределените, знам како треба. Гласајте за човек кој го знаете, што вас лично ве познава – повика Ѓорчев.

На делегатите од УМС им рече да гласаат за некој кој бил во УМС, да гласаат за кандидат кој има и Фејсбук и Твитер и Инстаграм и оти и со лајкови и со терен ќе го победат СДСМ. Им се обрати на пратениците, велејќи им дека секогаш ќе биде тука за нив, на Унијата на жени, на ветераните…

– Ова се најважните четири часа во мојот живот, ова е најважниот говор во мојот живот. Ве молам немојте да ме извисите. Ако ми ја дадете довербата никогаш нема да ве изневерам, ни сега ни во иднина – рече Ѓорчев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.02.2019 - 14:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега