Велес веќе четврта недела е под силен удар на грипот, а ситуацијата кулминираше изминатиов викенд. Портпаролката на Итната медицинска помош, д-р Славица Нешова Пановски, информира дека бројот на пациенти од сите возрасти е драстично зголемен, што создава огромен притисок врз службата која работи со намален број вработени.
Бидејќи матичните лекари не работат за време на викендот, граѓаните масовно бараат спас во Итната служба. Симптомите се тешки: екстремно висока температура која не паѓа со денови, силни болки во коските и мускулите, кашлица и општа изнемоштеност. Лекарите едвај успеваат да одговорат на сите повици, вклучувајќи ги и бројните барања за домашни посети кај најстарите граѓани.

