Горан Герасимовски, кандидатот за втор градоначалнички мандат, утрово во гостување на Радио Лидер, кај новинарот Љупчо Златев, истакна дека во изминатите четири години не ги делел луѓето ниту по политичка, ниту по етничка, ниту по каква било друга припадност.

Тој, изјави дека има коректна соработка и со претходната, но и со сегашната влада, затоа што општината мора да работи во интерес на сите граѓани, без поделби и политички калкулации.

„Во изминатите четири години покажавме различност и величина. Покажавме како треба да се води една локална самоуправа во коалиција со граѓаните. Не ги делиме луѓето, ниту по политичка, ниту по етничка, ниту по каква било припадност.  Имаме коректна соработка и со претходната и со сегашната влада. Аплициравме за финансиски средства на јавните повици што ги доделуваше самата влада, и претходната влада на СДСМ, и сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Добивме финансиски средства и од претходната влада, за неколку улици и за првата фаза од реконструкцијата на салата „Работнички“. Добивме финансии и од оваа влада, на двата јавни повици што беа распишани, за реконструкција на нови улици, за втората фаза на „Работнички“ и други проекти“, потенцираше Герасимовски. 

Тој, посочи дека покажал како треба да функционира вистинска локална самоуправа, транспарентно, домаќински и во интерес на сите граѓани. „Кога сте во општината, работите за сите граѓани. Не смеете да ги делите, затоа што сите плаќаат даноци и сите заслужуваат подобри услови за живот. Така функционираме и така ќе продолжиме и во наредниот мандат“, рече Герасимовски. 

Герасимовски, посочи и дека работел чесно и без дамка, со постојана транспарентност во трошењето на јавните средства. 

Exit mobile version