Кандидатот за градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, во интервјуто за Фактор вели дека како и досега, продолжува да работи со системот „сите заедно“. 

„Резултатите ги знаат граѓаните и јас верувам во нив. Сакам да продолжиме да работиме како целина, да се интегрираат проектите, да се остваруваат, да имаме коректен и културен натпревар на идеи и инцијативи. Сакам да имаме натпревар за најдоброто, да се бориме да бидеме подобри еден од друг. Верувам во тоа, колку и да изгледа идеалистички за Скопје. Во едно сум сигурен. Јас ќе понудам соработка со сите. Во сите области од ингеренциите на Општината сакам да го засилам граѓанскиот и експертскиот надзор. Да продолжиме со соработката со истакнати професори од Архитектонскиот и Градежниот Факултет, и тој пример да се зајакне со граѓанска и стручна експертиза во делот на сообраќајот, културата, образованието, спортот, финансиите, ревизијата итн. Буквално, надворешен стручен и контролен механизам за подобра општина, за подобри решенија“, вели Герасимовски. 

Во однос на проектите, Герасимовски истакнува дека идеја е да се овозможи Дебар Маало да биде вистинска културна и граѓанска оаза за Центар и Скопје. 

„Разговараме со жителите на Дебар Маало, во деловите каде мислиме дека овој концепт на „слободна“ пешачка зона треба и може да функционира. Разговараме со сопствениците на деловни објекти. Разговараме интензивно со МВР Скопје. Во ПОЦ се подготвуваме за најефтини и најефикасни решенија. Наскоро ќе го затвориме предлогот и ќе одиме фазно во реализација, просторно и временски. Најважно, пред било што да се реализира, целиот концепт ќе оди на јавно запознавање и дискусија со граѓаните. Вака подготвено, одобрено и прифатено од сите инстанци, а пред се жителите, мислам дека може да успее и да биде дел од новата приказна на Центар, која ќе го збогати Центар“, порачува Герасимовски. 

Exit mobile version