Георгиева: Пописни податоци за болните и лицата во изолација ќе даваат членови на нивните семејства

Податоци на пописот за лицата кои за време на траењето на оваа статистичка операција ќе се наоѓаат во болница или изолација поради изложеност на коронавирусот, ќе даваат членови на нивните домаќинства или семејства, изјави претставничката на Државниот завод за статистика (ДЗС), Јасмина Георгиева на денешната прес-конференција во Владата.

Таа информира дека Заводот за статистика од следната недела на дневна основа ќе почне да добива податоци за лицата заболени од Ковид-19, со што ќе има информации за временската рамка во која тие се наоѓаат во изолација.

– Доколку се најде некој „прозорец“ во кој може да се попише лицето додека трае пописот, ќе го направиме тоа. Во спротивно, доколку во целиот период на спроведувањето на пописот лицето е во изолација, ќе се обидеме да стапиме во контакт со него и да видиме кои членови на неговото домаќинство или семејство можат да дадат податоци за тоа лице, изјави Георгиева, додавајќи дека податоци за оние лица кои ќе се наоѓаат на болничко лекување за време на пописот, исто така, ќе даваат членови на нивните семејства.

Таа нагласи дека во краен случај доколку некое лице живее само, односно „нема семејство или домаќинство“, попишувачите со целосна заштитна опрема ќе влезат кај него дома и ќе го попишат, согласно утврдените протоколи за пописот.

Портпаролот на Министерството за правда, Александар Видиновски на истата прес-конференција посочи дека попишувањето во казнено-поправните установи биле изведено по утврдените протоколи за пописпт, при што е увидено дека тие функционираат.

– Во ниту еден затвор не се појавија нови заразени со коронавирусот, како последица на попишувањето. Попишувањето се одвиваше во затворени простории и можевме да видиме дека здравствените протоколи добро функционираат, додаде Видиновски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.03.2021 - 13:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега