Газдите револтирани: Вештачки ја дигате минималната плата на 18.000 денари - вака нема да издржиме

Од Сојузот на стопански комори (ССК) пак денеска порачаа дека зголемувањето на минималната плата како резултат на политички популизам, а не на функционални пазарни механизми или зголемена продуктивност на работната сила и зголемена економска активност, ќе доведе до намалување на работните места, раст на цените на производите и раст на сивата економија.

Според нив ваквата одлука ќе ги стави компаниите во дополнителен трошок, особено во период на здравствено-економска криза.

-Зголемувањето на минималната плата ќе влијае на намалување на мотивацијата на вработените кои досега биле попродуктивни, бидејќи голем број од деловните субјекти немаат капациети и моќи скалесто да ги зголемат платите на останатите вработени. Оваа мерка нема да роди со плод, со продуктивност, изјави Александра Андреева, член на управниот одбор на ССК.

Тие потсетија дека самиот закон има вграден механизам според кој минималната плата се зголемува во март секоја година.

-Така согласно член 4 од Законот, исплатената висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Северна Македонија, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика, велат од ССК.

Заклучуваат дека проблемот со инфлаторните движења треба да се решава со зголемување на економската активност и создавање услови за развој.

22.12.2021 - 14:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега