Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, упати честитка до сите граѓани по повод 2 Август – Денот на Републиката.

Во својата порака, Гаши истакнува дека празникот претставува потсетник за заедничката одговорност и градењето на иднината со дела и посветеност.

По повод 2 Август – Ден на Републиката, во име на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име, ви упатувам најискрени честитки. Овој ден нè обединува околу вредностите врз кои се гради и зајакнува нашата држава и нè потсетува на заедничката одговорност да ја зајакнеме со дела, визија и посветеност – стои во честитката на Гаши.

Претседателот на Парламентот потсети на двата фундаментални историски Илиндени кои се темел на македонската државност.

2 Август нè потсетува на идеалите за слобода и самоопределување, поставени врз двата столба на нашата историја: Илинденското востание (1903) и Првото заседание на АСНОМ во Прохор Пчински (1944). Овие два историски настана го претставуваат континуитетот на стремежот кон држава изградена врз слободата, демократијата и одговорноста кон граѓаните – посочува тој.

Тој исто така нагласи дека сегашните генерации имаат обврска секојдневно да ги живеат и практично да ги спроведуваат овие идеали преку почитување на институциите.

Но, тежината на овој ден не се состои само во историјата што ја наследуваме, туку и во примерот што го даваме секој ден. Тој нè повикува да размислиме како ги живееме идеалите врз кои е изградена Републиката, нè мери според начинот на кој ги почитуваме институциите, како ја штитиме демократијата, како се слушаме едни со други и како заедничкиот интерес го ставаме над поделбите – порачува претседателот на Собранието.

Exit mobile version