Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека е поборник на редовни избори и дека завршувањето на мандатите е клучно за стабилноста на државата. Тој додаде дека формирањето технички влади за предвремени избори не е угледно, особено за земја членка на НАТО, и дека последните изборни процеси се одвивале редовно и без проблеми.
На денешниот брифинг со новинарите, Гаши истакна дека редовното носење на закони и завршувањето на мандатите се основа за политичка и економска стабилност.
„Јас сум поборник на идејата на редовни избори. Редовно носење на закони и редовни избори. Мислам дека, концептуално зборувам, ни фали политичка и економска стабилност. Ако цело време правиме предвремени избори, креираме некоја политичка и економска нестабилност. Мислам дека треба да настојуваме да ги завршуваме мандатите и после граѓаните да не ценат по тоа колку сме реализирале од тоа што сме го ветиле од програмата. Вака на пола мандат, може да се каже не сме го завршиле мандатот. Јас сум поборник на идејата на редовни, но за тоа одлучуваат 61 пратеник, и политичката волја на пратениците е таа која одлучува кога би оделе на избори“, рече Гаши.
На прашањето дали треба да постои или да се укине Пржинската влада, Гаши одговори дека стабилна Влада е приоритет и дека не е угледно да се формираат технички влади за организирање предвремени избори.
„Колку што се сеќавам, тогаш ние само што ја формиравме политичката партија. Ако се враќаме назад, тоа беше ад-хок решение за таа политичка криза да се надмине. Стабилна Влада, како членка на НАТО, не е угледно да формираме технички влади за организирање на предвремени избори, до толку што гледаме дека изборните процеси, особено последниве, течат по ред, нема некои забелешки. Еве вчера поминаа избори, сите си честитаа, никој немаше проблем околу победата“, додаде Гаши.

