Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска одржа координација со пратеничките групи, на која е постигната согласност за потребата од донесување нов Изборен законик, кој треба да биде консензуален. Гаши на брифингот со новинарите истакна дека не е исклучена ниту промена на изборниот модел, вклучително и воведување една изборна единица.
Сите координатори на пратеничките групи се согласиле дека треба да се разговара со цел консензуално да се донесат новите законски решенија.
Новиот закон е потребен поради проблемите со финансирањето на партиите (кој не ја отсликува реалната состојба) и за надминување на сите евидентирани проблеми во изборните процеси.
Препораките на ОБСЕ, финансирање на кампањата, кандидирање на независни кандидати, цензусите, предвремената кампања и промена на изборниот модел (на пр. една изборна единица).
„Не е исклучено да се зборува и за промена на изборниот систем, на пример Македонија да биде една изборна единица“, рече Гаши.
Гаши најави дека ќе одржи консултација со Државната изборна комисија (ДИК) поради нејаснотии околу рокот за распишување на повторените локални избори во четирите општини (Гостивар, Центар Жупа, Врапчиште и Маврово Ростуше) каде не беше постигнат цензусот.

