Пратеничката група на СДСМ и коалицијата денеска поднесе ургенција до претседателот на Собранието, Африм Гаши, со барање да се овозможи одржување на надзорна расправа за нефункционирањето на Законот за употреба на македонскиот јазик. На прес-конференција, пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска обвини дека власта воопшто не покажува грижа за спроведување на законската рамка.
Костадиновска-Стојчевска истакна дека нивната пратеничка група уште на 23 март годинава поднела вакво барање, алармирајќи дека законот донесен во јануари 2024 година воопшто не се применува во пракса.
„НИКОЈ НЕ СЕ ГРИЖИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК! Ова е реченица која на денешно време и при донесена законска рамка, е навистина жално и тажно да се чуе. Иако постојано најавувавме и предупредувавме дека законот за употреба на македонски јазик кој беше донесен во јануари 2024та година не се применува, на никој како да не му е гајле во вмро дпмне“, изјави таа.
Според опозицијата, македонскиот јазик и стручната јавност се целосно игнорирани од страна на ресорниот министер, кој дури по две години алармирање побарал вработувања на лектори, но без реална имплементација на законските одредби.
„И ако на една страна го ставиме законот, а на друга страна реакциите на јавноста по повод не превземање ништо од страна на ресорното министерство, секој нормален би се запрашал: дали министерот Љутков го мрази македонскиот јазик и никако да го стави како приоритет?“, праша пратеничката на СДСМ.
Таа додаде дека незаинтересираноста на министерот не може да се покрие со интервјуа и дека внатрешните несогласувања и јавните судири меѓу институциите испраќаат лоша порака пред надворешните предизвици со кои се соочува државата.
„Затоа денес поднесуваме ургенција до претседателот на собранието, африм гаши за да се овозможи оддржување на надзорната расправа за законот за употреба на македонскиот јазик. Ова не е политичка битка- ова е битка за зачувување и унапредување на македонскиот јазик“, заклучи Костадиновска-Стојчевска.


