„Гардијан“: „Не е работата што е фер, туку што е добро за сите“ Македонците се подготвуваат за референдум

Многу Македонци со тешко срце ја прифаќаат потребата од промена на името со цел да се приклучат на НАТО и на ЕУ, вели Гардијан, пренесува МКД.мк

Север. Тоа е само еден збор со пет букви, но во Македонија во последниве неколку недели поттикна многу колумни за дебата, повеќечасовни кафе-дискусии и стотици страници онлајн-злоупотреба.

На референдумот на крајот од месецов граѓаните ќе бидат прашани дали се спремни да го додадат тој збор на официјалното име на земјата, со што таа ќе стане Република Северна Македонија.

Оваа промена е главен дел од договорот меѓу Македонија и Грција потпишан од нивните премиери во јуни. Грција одамна го блокира пристапувањето на Македонија во НАТО и во Европската Унија, тврдејќи дека името на нејзиниот северен сосед е неправедно присвојување на северниот грчки регион Македонија.

За многумина во Македонија, менувањето на името е деликатно прашање. „Не е во прашање само еден збор. Размислете за Северна Ирска и Ирска. Зборовите имаат значење“, вели Сашо Клековски, анкетар и аналитичар што се противи на договорот.

Никола Димитров, министерот за надворешни работи на Македонија, кој помина неколку месеци во преговори со својот грчки колега ковејќи ги деталите од договорот, рече дека со тоа ќе се отвори нов пат напред за малата нација од околу 2 милиони луѓе, која има тешкотии откако стана независна по пропаста на Југославија.

„Изгубивме цела генерација. Јас имам 45 години, имав 18 години кога Македонија стана независна. На некој начин ова е втора шанса за нашата генерација да успее“, рече тој во интервјуто во неговата канцеларија во центарот на Скопје.

На 30 септември, населението ќе биде прашано: „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ и за прифаќање на договорот за името меѓу Македонија и Грција?“

Владините критичари велат дека прашањето е манипулативно, но министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, рече дека е сосема правилно прашањето да се оформи во два дела. „Да имаше шанса да влеземе во ЕУ и НАТО без договор со Грција, сите ќе бевме воодушевени“, рече таа. „Негирањето на врската помеѓу ЕУ и НАТО и договорот е неразумно“.

Мал број Македонци се позитивни во врска со промената на името, но многумина зборуваат за тоа со безволно прифаќање со какво што прифаќате некоја непријатна, но неопходна медицинска интервенција.

„Ние сме изолирана, мала и сиромашна земја, па ајде да го направиме тоа. Тоа не е фер, но не е во прашање што е фер, туку што е добро за сите. Ако има шанса луѓето да живеат подобро, ајде да ја искористиме“, вели Сања Арсовска (31), актерка во скопскиот Драмски театар.

На договорот остро му се спротивставуваат националистите од двете страни на границата - во саботата грчки демонстранти се судрија со полицијата, но анкетите покажуваат дека договорот го поддржува тесно мнозинство, поткрепен со огромна поддршка меѓу македонското големо етничко албанско малцинство.

Долготрајниот спор помеѓу Скопје и Атина последниве неколку години беше усложнет со проектот на „антиквизација“, кој го спроведе националистичката влада на претходниот премиер Никола Груевски, кој опфати десетици статуи, фонтани и грандиозни згради украсени со столбови од лажен мермер подигнати во Скопје.

Централниот дел е фонтански комплекс на главниот плоштад, на чиј врв има статуа на Александар Велики на коњ. Спомениците ја разлутија Грција, која го обвини Скопје дека ги присвојува културното и историското наследство на Грција.

Груевски беше соборен од функцијата во 2016 година по скандалот со прислушувањето и сега му се суди за низа прекршоци. Новата влада го постигна договорот со Грција, но ќе ѝ треба поддршка од делови од партијата на ВМРО-ДПМНЕ на Груевски за да го спроведе, бидејќи референдумот е само консултативен.

Западните дипломати велат дека гласањето со „да“, дури и со одѕив на гласачите под прагот од 50 отсто што е потребен за тој да биде важечки, ќе биде зелено светло за промена. Владејачката коалиција ќе треба да убеди околу 10 пратеници од ВМРО да гласаат со него, за да се постигне двотретинското мнозинство потребно за уставни промени.

Официјалните претставници на ВМРО се лути што Македонија ќе мора да го смени своето име не само во меѓународните комуникации, туку и внатрешно, на пасошите, имињата на министерствата и сите други референци за Македонија, кои ќе бидат заменети со Северна Македонија.

„Ќе имаа подобар договор ако им дозволеа на Грците сами да го напишат, бидејќи веројатно на Грците ќе им беше малку срам да си дадат себеси апсолутно сè“, вели Александар Николоски, заменик-шеф на ВМРО, во интервју во партискиот штаб, величествена зграда исполнета со дречливи уметнички дела што ги одразуваат грандиозните визии на Груевски.

ВМРО е под интензивен меѓународен притисок да не го попречува договорот и допрва треба да објави дали ќе побара бојкот на референдумот или не. Николоски ги негираше тврдењата на владата дека партијата понудила поддршка за договорот во замена за амнестија за Груевски и други.

Освен што се обидуваат да ја придобијат опозицијата, македонските власти ја држат и Москва на око за време на кампањата. Русија отворено рече дека се противи на пристапувањето на Македонија во НАТО и беше обвинета дека тајно работи на обиди да го спречи договорот. Грција неодамна истера руски дипломати, обвинувајќи ги дека им нудат мито на противниците на договорот.

Во Македонија, главната проруска сила е Јанко Бачев, маргинален политичар чија партија Обединета Македонија се појави во последниве месеци. Бачев, зборувајќи од партиските канцеларии на чиј балкон се вее руското знаме, тврдеше дека анкетите покажуваат дека мнозинството Македонци што го сакаат членството во НАТО се „финансирани од ЦИА“ и инсистираше дека повеќето Македонци се противат на договорот.

„Сите главни партии тука ги поддржуваат либералните вредности како што се хомосексуалноста, хомосексуалните бракови, менувањето на името на Македонија и бришењето на сè што е македонско“, рече тој, додавајќи дека за разлика од нив, Кремљ ги поддржува „традиционалните вредности“, кои се совпаѓале со ставовите на повеќето Македонци. Тој негираше дека добил пари од Русија, но рече дека сака Македонија да влезе во стратегиски сојуз со Кремљ.

Бачев, кој повикува на бојкот на гласањето, повеќето набљудувачи не го сметаат за сериозна политичка сила, но западните дипломати, сепак, внимателно ги следат потезите на Москва.

„Со години Русија никогаш не кажа ништо за Македонија; сега одеднаш почнуваат да даваат секакви изјави“, рече еден од нив. „Не мислам дека тие тука ќе направат државен удар како тој во Црна Гора, но јас не би го отфрлил тоа дека може да уфрлат неколку момци во толпата и да создадат вознемиреност“.

Западните земји силно вршат притисок за успех на договорот, а германската канцеларка Ангела Меркел викендов го посети Скопје.

Ако се протурка договорот, Скопје и Атина се согласија дека не се согласуваат за тоа кој или што е македонско: една потклаузула од Договоротвели дека „страните признаваат дека нивното сфаќање за термините 'Македонија' и 'македонски' се однесува на различен историски контекст и културно наследство“.

Што се однесува на скопските споменици на Александар Велики и другите класични херои, владата се согласи дека во рок од шест месеци ќе преземе „корективна акција“ со преименување на спомениците што „на кој било начин се однесуваат на античката хеленска историја и цивилизација“.

Димитров рече: „Во минатото ја жртвувавме нашата реалност заради митологијата. Сега ја жртвуваме митологијата заради реалноста, а реалноста е она што навистина е важно“.

 
 

 

 

10.09.2018 - 19:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега