Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) најави нови мерки за контрола на препишувањето на лекови, со посебен акцент на антибиотици и анксиолитици. Генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, истакна дека минатата година вреднувањето на матичните лекари било зголемено, а сега се очекува и поголема одговорност од нивна страна, вклучувајќи придржување до казнената политика доколку се надминат квотите за пропишување на овие лекови.

„Имаме ограничување за препишување само кај антибиотици и анксиолитици“, појасни Клековски.

Како втора мерка, ФЗО ќе воведе е-рецепт, кој ќе овозможи позадинска контрола на индикациите и дозирањето на лековите. Системот е веќе тестиран кај матични лекари и во аптеки, а се очекува да стартува во 2026 година.

Целта на ова е да се намали несоодветното препишување и издавање на поголеми количини од потребното, како и да се заштитат лекарите од притисоци од пациенти за добивање на одреден лек.

„Е-рецептот ни е неопходен за да се контролира употребата и да се намали неоправданата потрошувачка, а истовремено да се овозможи поголема оправдана употреба на лекови. На позитивната листа се уште има премногу стари и евтини лекови кои се лесно достапни, а ни недостигаат нови, поскапи лекови од современи генерации“, додаде тој.

Exit mobile version