Македонската репрезентација вечерва гостува во Гент кај селекцијата на Белгија (од 20.45 часот), во еден од клучните мечеви за пласман на Светското првенство (СП) в година, во САД, Мексико и во Канада. По натпреварите одиграни во септември, Македонија е прва во групата Ј со 11 бода од пет средби, а потоа на табелата се Белгија со 10 (од четири меча), Велс со 10 (од пет), Казахстан со три (од пет) и Лихтенштајн без бодови (од пет средби). Македонија и Белгија се единствените селекции во таа група без пораз. Во октомврискиот дел од квалификациите, Македонија уште ќе игра дома со Казахстан, Белгија ќе гостува кај Велс, а двете средби на програмата се в понеделник, од 20.45 часот.

На СП 2026 директно ќе се пласираат победниците на 12-те квалификациски групи. Европа на фудбалскиот Мундијал ќе има уште четири селекции, и тоа победниците на четирите плејофа, во кој ќе настапат 12-те второпласирани во групите од квалификациите и четири од 14-те победници на групите во претходната сезона на Лигата на нациите, меѓу кои е и Македонија, а кои во квалификациите за СП 2026 нема да ги освојат првите две места во своите групи. Победници на групите во Лигата на нациите се и репрезентациите на Шпанија, Германија, Португалија, Франција (од лигата А), Англија, Норвешка, Велс, Чешка (од лигата Б), Романија, Шведска, Македонија, Северна Ирска (од лигата Ц), Молдавија и на Сан Марино (од лигата Д). Од нив, по квалификациските дуели во септември на првите две места на табелите во своите групи беа Македонија, Шпанија, Португалија, Франција, Англија, Норвешка, Чешка и Северна Ирска.

Синоќа во квалификациите во Европа за пласман на СП 2026 играа Финска – Литванија, Австрија – Сан Марино, Белорусија – Данска, Кипар – БиХ, Чешка – Хрватска, Фарски Острови – Црна Гора, Малта – Холандија, Шкотска – Грција. Денеска, покрај дуелот Белгија – Македонија, на програмата се и мечевите Казахстан – Лихтенштајн (од 16 часот), Франција – Азербејџан, Исланд – Украина, Косово – Словенија, Германија – Луксембург, Северна Ирска – Словачка, Шведска – Швајцарија (сите од 20.45 часот)

Exit mobile version