Франција со неформален документ предложи формирање на Европска политичка заедница

 

Франција, како тековен претседавач со Советот на ЕУ, претстави неформален документ со кој се предлага до крајот на оваа година да се формира т.н. Европска политичка заедница, отворена, како што се вели, за сите европски земји кои сакаат заеднички да придонесат за безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.

„Европската политичка заедница би била отворена за европските земји кои споделуваат заеднички збир на демократски вредности, без разлика дали се членки на Унијата или не и без разлика на нивниот актуелен однос со Европската унија: дали сакаат да ѝ се приклучат, дали ја напуштиле, воопшто не планираат да се приклучат или пак се поврзани со неа само со економски договори“, се наведува во текстот на документот во кој увид имала српската агенција „Танјуг“.

Франција во т.н. нон-пејпер, поднесен на разгледување и понатамошна дискусија, наведува дека актуелната политика на проширување, поради обемните реформи и времетраењето на процесот, не ја нуди потребната политичка рамка за да одговори на итните историски и геополитички потреби кои произлегуваат по војната во Украина, а ниту политичко структуирање на европскиот континент.

„Европската политичка заедница не би била алтернатива за членството во ЕУ и нема да биде ниту замена за процесот на проширување. За европските земји кои сакаат да се приклучат на Европската унија, тоа би овозможило зајакнување на врските со земјите-членки на ЕУ пред пристапувањето, како политички, така и во однос на учество во одлучувањето во одредени политики на ЕУ, вклучително и постепена интеграција на внатрешниот пазар на ЕУ“, пишува во документот.

Се додава дека таквата заедница не би ги заменила Советот на Европа, ОБСЕ или трансатлантските односи, туку би била европски форум кој ќе ги собере сите членови на европското семејство на еднаква основа и во духот на единството на европскиот континент.

Франција оценува дека Европската политичка заедница треба да има форма на лесна правна структура со капацитет за одлучување притоа почитувајќи ја автономијата на одлучување на Европската унија и секоја од земјите-членки кои се дел од заедницата, како и дека лидерите и министрите на овие земји би се среќавале неколку пати годишно.

15.06.2022 - 17:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа