Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на одбележувањето на 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Соединетите Американски Држави, што се одржа во Њујорк.

Сиљановска-Давкова порача дека посакува и во следните 30 години да го продолжиме стратешкото партнерство со САД, бидејќи живееме во турбулентни времиња во коишто е неопходна меѓусебна поддршка на глобален план.
Обраќајќи им се на претставниците од македонската дијаспора, таа оддаде почит за нивните успеси и им посака да останат сплотени и обединети. Претседателката изрази уверување дека заедно можеме да работиме на подобрување на животот во татковината.
„Должни сме кон вас. Јас ветувам дека ќе сторам сѐ да ги интензивираме контактите и тогаш кога сме одвоени“, рече таа, додавајќи дека час поскоро ќе го формира Советот за дијаспора преку којшто континуирано ќе се регулираат односите.
На настанот присуствуваа претставници на американските владини институции, македонски дипломати во САД, како и претставници на македонската заедница.