ФОТО: Реџепи и Азири од Алијанса ги смируваа демонстрантите на протестот за случајот „Монструм“

Пратениците Скендер Реџепи од Алтернатива и Елми Азири од Алијанса ги смируваа демонстрантите на протестот за случајот „Монструм“, кои почнаа да фрлаат предмети по полицијата бидејќи не добија дозвола да го продолжат маршот до Основниот суд и до Собранието.

- Ние сме тука за вас, не се мешаме, иако многу нè обвинуваат дека се мешаме. Тука сме индивидуално, се мешаме како Албанци, граѓани, не сакаме да дозволиме да продолжат монтираните случаи. Целта на тие е да ги гледаат Албанците затворени и тоа нема да го дозволиме. Ако се согласувате, ќе ви помогнеме да ги вратиме демонстрантите назад, да закажете друг ден, пак ние ќе дојдеме. Јас сум за тоа сепак да биде протестот пред Влада. Не се откажувајте и не се срамете да барате помош од секој албански политички субјект, било опозиција, било власт – им рече пратеникот Скендер Реџепи на организаторите на протестот.

Организаторите, по испорачаните барања, го прогласија протестот за „Монструм“ за завршен. Дел од учесниците во протестот одбија да се повлечат и фрлаа со различни предмети кон полицискиот кордон. Поединци од протестот се обидуваа да предизвикаат инциденти. Екипата на МИА беше нападната на протестот, по што привремено беше прекинат преносот во живо. Полицијата се обидува да ги растури насилните групи.

Учесниците во протестот во еден момент беа на дистанца од стотина метри од полицискиот кордон и се наоѓаа на локацијата на Бит Пазар. Полицискиот кордон ги потисна демострантите кои предизвикуваа инциденти и во моментов ситуацијата е смирена. Според претходните најави, демонстрантите планираа да се движат од паркот во Чаир, кон судовите, па до Владата, каде се очекуваа и изјави за медиумите.

Меѓутоа во еден момент поради проценка дека се можни провокации, полицијата го спречи нивното движење и тие останаа на локацијата кај Бит Пазар.

Во своите изјави бараат меѓународни експерти да ги преиспитаат случаите случаи „Монструм“, „Алмир“, „Алфа“, „Харун Алиу“, „Бродец“ и други, а некои од нив побараа од лидерот на ДУИ, Али Ахмети да ја напушти Владата.

– Бидејќи ниту една Влада не презема ништо во врска со овие прашања, ни останува само да им се обратиме на меѓународните институции, порачаа учесниците на протестот.

Поранешниот потпретседател на Собранието, Хисни Шаќири, исто така, побара од учесниците во протестот да бидат смирени.

Учесниците во протестите бараа од полицајците да им го ослободат патот за да продолжат по претходно планираната маршрута.

Протестот е поради незадоволството на семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“ по изрекување доживотни казни затвор на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година. За обвинетиот Сами Лута, се одбива обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.02.2021 - 15:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега