(ФОТО) Приказната „Скопје на апарати“ продолжува и денеска

И денеска пред да излезете од дома застанете пред огледало „да ги смирите“ Вашите нерви, пред да се соочите со сообраќајниот хаос. Трпение „во големи пакувања“ е потребно за возачите, а и на граѓаните кои го користат градскиот автобуски превоз. 

Приватните автобуски превозници и денеска протестираат со блокирање на неколку од главните сообраќајни точки во главниот град. Согласно нивните изјави, немаат намера да ги отстранат паркираните автобуси, се додека не се исполнат поставените барања за исплата на долгот што го побаруваат од Град Скопје.

Тие бараат од Град Скопје да се подмири долгот кон двете компании кој во целост изнесува преку 90 милиони денари, затоа што, како што велат, немаат средства за понатамошно функционирање поради недостиг на средства.  

„Протестите на приватните автобуски превозници со блокади ќе продолжат се додека нема напредок во состојбата“, изјави Кемал Муриќ од „Слобода превоз“. 

Во меѓувреме, додека граѓаните го смируваат својот бес предизвикан од сообраќајниот хаос и се крстат навремено да стигнат на лекарски преглед, работно место или друга дестинација, најголемите политички партии не губат време и меѓусебно се препукуваат за настанатата ситуација.

Наум Стоилковски, портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ спасот од ситуацијата го гледа во неотповиклива оставка на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. 

„Бараме Владата да и ги одземе ингеренциите на Данела Арсовска за јавниот превоз, но и да го реши проблемот со исплатата на долгот од еден и пол милион евра, да ги обештети приватните превозници коишто протестираат и тие да се вратат на дејноста“, изјави на денешната прес-конференција Стоилковски.

Владејачката СДСМ пак, повлекувањето на Ленин Јовановски, како еден од организаторите на протестите вели дека било само провидна игра на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалничката Арсовска се крие, а пред медиумите во текот на вчерашниот ден излезе генералниот секретар, кој пак освен рачно напишаниот говор, не знаеше да каже ништо друго, па избега од новинарите.

Приказната „Скопје на апарати“, продолжува и денеска. 

08.12.2022 - 11:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега