Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска на прес-конференција излезе со сериозни обвинувања на сметка на претседателот на синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски. Тој тврди дека Деаноски потрошил над 60.000 евра од парите на синдикалците, собрани од чланарини, за организирање на спортски игри и луксузирање во Црна Гора.
Според Петрушевски, лажната скромност на синдикалните водачи конечно излегла на виделина, додека работниците во Македонија се соочуваат со сиромаштија.

Пратеникот ги соопшти деталните обвинувања за патувањето на раководството на УПОЗ:
„Додека во Македонија вели дека се мали платите и дека се борел за поголеми плати, дека граѓаните живееле во сиромаштија и мизерија, Трпе Деаноски во Црна Гора се луксузира на трошок на неговите синдикалци. Тој ги троши парите од чланарините за луксуз, шетање и организирање на спортски игри кои траеле четири дена, но не во Скопје, Охрид, Дојран или Струмица, туку во атрактивното туристичко место Чањ во Црна Гора.“
Петрушевски додаде дека на Деаноски очигледно му била „мала Македонија“ и домашните туристички капацитети, па затоа одлучил парите да ги однесе надвор од државата.
„Синдикалците на батерии си го покажаа правото лице. Пред камерите глумат загрижени и борци за поголеми плати, а позади камерите се луксузираат на грбот на своите членови“, порача пратеникот Петрушевски.