ФОТО: Ова е последната објава на Боки 13 пред да биде уапсен

Како бомба одекна веста за апсењето на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, вчера на Граница. 

На Боки му е одреден триесетдневен притвор, како и на Зоран Милевски, како осомничени за изнудување пари.

По собрани вербални и материјални докази, Обвинителството вчера отвори истрага во која осомничените ги товари за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а првоосомничениот Јовановски и за  „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Тие во два наврата примиле вкупно 1,5 милион евра од побарани осум милиони евра од лице против кое се водело истрага.  На осомничениот од кого ги изнудиле парите му ветиле дека преку обвинител со кого имаат пријателски врски т.е. влијание ќе ја запрат истражната постапка или ќе му ја олеснат положбата во постапката.

Оа е неговата последна објава на Инстаграм, ден пред да биде уапсен и пред да му биде одреден притвор.

По апсењето, имаше реакции од сите страни.

Бранко Героски денеска се огласи на социјалната мрежа Фејсбук и напиша дека нема да се извини на СДСМ, туку дека партијата е таа која треба да се извини на симпатизерите.

- НЕ, НЕМА ДА МУ СЕ ИЗВИНАМ НА СДСМ ЗА БОКИ, ТУКУ СДСМ ЌЕ ИМ СЕ ИЗВИНИ НА ЧЛЕНСТВОТО И НА СИМПАТИЗЕРИТЕ!

Саше будалетинката бара да сум му се извинел на СДСМ за "клеветите" дека Боки 13 дејствувал "заедно со власта". Настрана што тоа никогаш не сум го кажал...
Погледнете го колажот од фотографии и врднаш ќе сфатите зошто нема да му се извинам на СДСМ и кој кому треба да се извини.
Не велам дека сите овие личности од фотографиите соработувале со Боки или го поттикнувале да рекетира. Скраја да е. Но, нивната блискост со еден ваков лик, нивното внимание со кое го опсипале, дегинитивно го охрабриле Боки да го прави она што го правел.
Време беше власта да го симне од вратот овој крлеж. Пардон, оваа бубашваба, како што самиот си се нарече. Мислам на Боки. А и за Сале Мутави да си размислат...напиша денеска Героски на Фејсбук.

 

 

Се огласи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

- Никој не рече дека ќе биде лесно

Можеме да тонеме во разочарување и очај и да ја храниме самопоразувачката енергија дека од нас не бидува ништо. Со мазохизам и неразбирлива радост да ги дочекуваме лошите вести. Чашата секогаш да биде полупразна: “Ти кажав, не бива од нас држава”. Бидејќи, веста денес може да биде и ваква: системот, со сите маани, почнува да се бори со криминалот, без разлика од каде доаѓа. 
Дека ќе не’ биде и покрај се' и заради се'. И заедно со сите кои не веруваат дека ќе не’ биде. Дека борбата против криминалот никогаш нема да заврши. И ќе трае, оти е борба всушност на доброто против злото. На некој начин, таа борба, што мене како и многу други ме вовлече во и кон политиката, е на самиот почеток. Дека ќе треба интегритет, пот, солзи и многу работа за да ги тргаме наталожените раскомотени криминални мрежи. Дека сеирџиство и банално ликување не помагаат, ниту дефетизам и ширење немоќ, бидејќи најлесно е да се откажеме сите. Помага само да засукаме ракави и сите да работиме до последно. Бидејќи знаете што е државата? Сите ние, сите граѓани до последен. И кога фрламе по државата, фрламе и по себеси. Ќе не’ биде народе, тогаш кога секој во своето, ќе турка до последниот атом. Јас не дигам раце додека не не’ биде. Не сме ние ништо понеспособен народ од било кој друг. Мегданот тоа да го покажеме и докажеме е токму тука, токму сега.

Ќе не’ биде и точка!, напиша тој на Фејсбук.

 

За настанот се огласи и Павле Богоевски кој неодамна даде оставка по скандалот со снимката од него, за која тој тврди дека нарачувал масло од канабис.

- Прашања кои треба да бидат одговорени по пресот на ОЈО:

1. Дали Обвинителот на кого осомничените наводно се обиделе (или успеале) да му/и вршат влијание го пријавил случајот по службена должност?

2. Јавниот обвинител одговори дека предистражната постапка е започната по кривична пријава во мај годинава. Дали пријавата е поднесена од органите на прогонот, или од оштетениот?

3. Дали матерјалните докази се обезбедени од органите на прогонот, или од оштетениот?, т.е. Дали органите на прогонот сами го изготвиле предметот, или биле доведени пред свршен чин, во очи на веќе обезбедени докази и ризик истите да излезат во јавност во случај на нивно непостапување?

Одговорност за сите, вклучувајќи ги и оние кои лажеа дека ја делеле нашата борба!, напиша Павле.

Реагираа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

- Државата изгради институции и систем коишто се борат против корупција, сите се еднакви пред законите. За СДСМ актуелниот случај покренат од обвинителството е доказ дека постои заштитен механизам на релација граѓани - обвинителство - МВР кој го штити општеството и кој може да се справи со евентуални случаи на корупција. Државата изгради институции и создаде систем коишто се борат против корупцијата и криминалот, велат од СДСМ.

 Според партијата, сите се еднакви пред законите, а правда мора да има.

 - СДСМ ги охрабрува и ги повикува надлежните институции да спроведат длабинска и независна истрага, да постапуваат исклучиво според законите со крајна цел владеење на правото во нашата земја. Правосудните процеси за овој, но и за сите други случаи, мора да се спроведат до крај и правдата да биде задоволена, во интерес на граѓаните и државата, завршуваат од СДСМ.

Опозициската партија вели Заев и неговите најблиски соработници не смее да бидат амнестирани.

- Истрагата мора да продолжи и целата разврска да резултира со одговорност за сите ликови од  оваа рекетарска и криминална банда вклучително и функционерите од владата и СДСМ. Зоран Заев ги деградираше и девалвираше институциите. СЈО го претвори во продолжена рака за заштита на сопствениот криминал и политички прогон врз неистомислениците. Мора да има одговорност за криминалите во СЈО. Владеењето на оваа власт го бележат единствено криминал, корупција и расипништво. СДСМ и Зоран Заев мора што поскоро да си заминат за да се врати владеењето на правото и законите во Република Македонија, завршуваат од ВМРО.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.07.2019 - 10:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега