ФОТО: Иванов одржа предавање на Државниот универзитет Вејн во Детроит

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, на почетокот на работната посета на САД, одржа предавање на престижниот Државен универзитет Вејн во Детроит.

Македонскиот претседател, кој беше најавен како поддржувач на принципите на пазарната економија и политичкиот плурализам, говореше на тема „Раѓањето на нов свет: Предизвици и можности за генерациите Y, Z и Алфа“, соопшти прес-службата на Кабинетот на Иванов.

Зборувајќи за предизвиците и можностите на новите генерации низ призмата на познатите филозофи, Иванов ги објаснуваше промените во светот, предизвикани од брзиот напредок на технологијата, миграцијата, демогафијата, климатските промени.

 

- Настапува период на пост-демократија. Тоа не е недемократија, туку демократијата ќе влезе во поинаква фаза кога ќе се види дека на неа не делуваат толку тие што ги избираат политичарите, туку спин докторите. Спин доктори се креатори на политиките, програмите и активностите на политичарите, рече претседателот Иванов.

Говорејќи за големата криза од 2008 година и за причините поради која се случија промени, и во реалноста и во размислувањата, тој посочи дека се загубила етиката и ги охрабри младите да го искористат својот потенцијал, во ова време на хиперповрзаност во дигитално трансформиран свет. Според македонскиот претседател таквиот нов свет на sharing philosophy, block-chain технологии и старт ап бизниси, го создаваат младите дигитални генерации, преку социјалните мрежи.

- Знаењето нема смисла ако не се користи, тоа треба да има апликативна функција, да го примените тоа знаење, да ви користи во животот. Се претпоставува дека едно од тие најтајни учења е дека се што е човекова креација, се што е создадено од човек, без разлика дали е политика, спорт, војна, медицина, култура, сè подлежи на исти четири правила. Ако ги почитувате, секој пат ќе најдете решение за сè. Тие четири златни правила се состојат од четири мудрости: бидете трпелив, учете од другиот, искористете го моментот и четврто, ако сакате да успеете бидете подготвени за жртва“, изјави Иванов.

Пред студентите, македонскиот претседател истакна дека е восхитен од нивната самодоверба, храброст и подготвеност, да бидат социјално активни за бројни прашања, но истовремено им порача да го канализираат уникатниот потенцијал на нивната генерација за достигнување на трајни вредности.

Државниот универзитет Вејн, основан во 1868 година, е меѓу топ 50-те американски државни универзитети за истражувачка дејност. Во рамките на овој универзитет е Мајк Илич Бизнис Школата, која го носи името во чест американскиот бизнисмен со македонско потекло Мајк Илич.

За време на престојот во Детроит, на претседателот Иванов ќе му биде врачена наградата Глобален државник, највисоко признание што го доделува Обединетата македонска дијаспора.

Посетата на македонскиот претседател на САД е по повод учеството на 73. Генерално Собрание на Обединетите нации во Њујорк, каде е предвидено да се обрати на 27 септември.

 

 

 

22.09.2018 - 11:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега