„Срамно и недозволиво!
Денес сведочевме на слика која нè враќа триесет години наназад. Наместо со идеи, визија и програма, власта на терен излезе со вреќи брашно“, стои во соопштението на ГРОМ.
Според партијата, граѓаните на Карпош биле сведоци на делење вреќи од по 30 килограми брашно од гаражи и куќи, што ГРОМ го оценува како навреда за достоинството на секој човек.

„Кога нема резултати, кога нема дела – останува само брашното“, порачуваат од ГРОМ, додавајќи дека оваа постапка е доказ за вистинското лице на власта и нејзиниот кандидат.
Од партијата упатија и прашање до премиерот: „Дали ова е вашата програма за инженерите, професорите, лекарите, пензионерите и домаќините? Дали мислите дека достоинството на човекот вреди една вреќа брашно?“
ГРОМ порача дека во Карпош граѓаните не се купуваат, туку се почитуваат.
„Ние не делиме брашно – ние градиме водоводи, канализации, улици, фасади, училишта и градинки. Карпош одамна ја надмина вашата ’триесеткилна политика‘,“ стои понатаму во соопштението.
На крајот од реакцијата, партијата испрати порака дека „нема брашно што може да ја купи совеста на Карпошанец“ и оцени дека е срамота Македонија повторно да се враќа во 90-тите години.
„Карпош е општина што мисли, што работи и што се бори со чесни средства. Карпош одамна замина напред,“ порачуваат од ГРОМ.