Големиот корупциски скандал во ИПАРД Агенцијата добива пошироки размери, рече на денешната прес-конференција на СДСМ Александар Димитриевски од комисијата за земјоделство.

Освен што е загрозена помошта од 128 милиони евра од ЕУ, денеска откриваме и информации кои се доставени до нас за директни врски со највисоките структури во Министерството за земјоделство, вели Димитриевски.

„Меѓу петтемина осомничени во овој случај се наоѓа и Јасмина Костадинова. 

Таа е поранешна посебна советничка на Цветан Трипуновски, назначена токму во моментот кога тој ја презема функцијата дополнителен заменик-министер за земјоделство. 

Денес, соработничката на Трипуновски е вработена во Министерството за земјоделство за финансиски прашања во Управата за водостопанство.

Од тоа произлегува јасно прашање:

Како може министерот Трипуновски да тврди дека нема никаква врска со случајот, кога во скандалот е инволвирана негова блиска и доверлива соработничка?, прашува Димитриевски.

Димитриевски посочи дека бројни фотографии со Трипуновски, но и со други високи функционери на ДПМНЕ, меѓу кои Орце Ѓорѓиевски, Даниела Иротова и Игор Миќев ја потврдуваат поврзаноста и со него и со ДПМНЕ. Се е јасно тука.

„Прашањето е што знаел министерот Трипуновски за корупциските зделки? 

Дали тоа значи дека бил информиран за сè или делувала по негови насоки?

Од министер опкружен со изнудувачи и посредници за мито при доделување на европски средства не може да се очекува ниту развој, ниту чесна и одговорна работа во интерес на земјоделците.

За ова мора да има морална и политичка одговорност. Време е министерот Цветан Трипуновски да покаже минимум интегритет и да поднесе оставка“, истакна Димитриевски.

Exit mobile version