Фон дер Лајен: Русите мора да платат, планираме специјален суд

Европската унија, со поддршка на ОН, ќе се обиде да формира суд посветен на истрагите и судењата на руските воени злосторства извршени во војната во Украина, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Руската инвазија на Украина донесе смрт, уништување и незамисливо страдање. Сите се сеќаваме на ужасите во Буча. Се проценува дека во војната досега се убиени повеќе од 20.000 цивили и повеќе од 100.000 припадници на украинската армија“, рече Фон дер Лајен.

„Русија мора да плати за своите страшни злосторства, вклучително и злосторството агресија врз суверена држава. Поради оваа причина, иако сè уште го поддржуваме формирањето на меѓународен суд, предлагаме формирање на специјален суд кој ќе ги поддржи ОН и ќе ги истражи и казни руските злосторства на агресија“, додаде таа.

„Подготвени сме да работиме со меѓународната заедница за да добиеме најголема можна меѓународна поддршка за формирањето на тој специјален суд. Русија, исто така, мора и финансиски да плати за уништувањето што го предизвика. Се проценува дека Украина претрпе штета од околу 600 милијарди евра. Русија и нејзините олигарси мора да ја надоместат штетата на Украина и трошоците за обновата на земјата“, рече шефицата на ЕК во видео обраќањето.

„Ужасните злосторства на Русија не смеат да останат неказнето“, рече Фон дер Лајен. Русија негира убиство на цивили и извршување на воени злосторства и покрај убедливите докази за масакрот во Буча. Украинскиот претседател Зеленски изјави дека само за време на окупацијата на Херсон биле извршени повеќе од 400 воени злосторства.

30.11.2022 - 14:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа