Фити: Договорот со Грција е важен и добар, постигнато е она што беше релевантно за МАНУ

На денешната расправа за Преспанскиот договор, раководството на МАНУ порача дека Договорот со Грција го зацврствува македонскиот идентитет и јазик, решението е тешко и болно, но ја води земјава кон евроатланските интеграции, пренесува ТВ24.

„Идентитетските прашања и атрибути односно нашиот јазик и култура се зацврстени.“ - рече Таки Фити, претседател на МАНУ

„Дали евентуално овие други институции кои се независни во сферата на општеството, можат да го бранат името македонски.“ - истакна Владо Камбовски, академик.

Освен за МАНУ, академиците ќе бараат правен совет за тоа како да се задржи името и на други институции како Македонска опера и балет, Македонска телевизија и Македонски народен театар. 

Академик Фити, рече дека Македонската академија за науките и уметностите може да се прифати од другата страна со придавска референца на државата, а не како Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија. Аргумените во одбрана на Договорот со Грција ги бранеа премиерот Заев и министерот Димитров.

„Македонско е идентитетско прашање, но и државна институција, финансирана од државни пари, затоа е отворена дебатата.“ - изјави премиерот Зоран Заев.

„Оваа одлука не е на премиерот или владата, ова е одлука на сите граѓани.“ - смета министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

На расправата во МАНУ за спогодбата во Преспа присуствуваа и амбасадорите на САД, Франција, Германија и Грција .Тврдат дека во изминатите 27 години од осамостојувањето, Македонија нема склучено подобар договор.

„Ова е одличен момент во македонската историја да се зграпчи моментот.“ - рече Џес Бејли, амбасадор на САД во Македонија.

„Признавањето на еден јазик во меѓународни рамки е едно од најзначајните признанија.“ - вели Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција во Македонија.

Додека дипломатите и академиците внатре во салата дебатираа на тема Договорот за името, референдумот и промена на имињата на институциите, дваесетина граѓани од Здруженијата за бојкот на референдумот протестираа пред МАНУ со барање дебатата да не се одржи. Сепак, по разговор со дел од академиците, дел заминаа, а дел останаа на дискусијата.

 

 

 

11.09.2018 - 17:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега