Граѓаните нема да плаќаат ништо дополнително при приемот на пратките нарачани од странство, вклучително и оние од платформата „Тему“, и покрај новите измени на Законот за данок на додадена вредност (ДДВ).

Министерството за финансии појасни дека усвоените измени нема да влијаат на начинот на преземање на пратките,бидејќи кај платформите како „Тему“ данокот е веќе пресметан во цената на производот.

„Пратките кои граѓаните ги порачуваат од ТЕМУ и досега имаа пресметан ДДВ во цената на производот. Истата практика продолжува и по измените на законот – ДДВ ќе остане вкалкулиран во цената на производот, како и досега. Тоа значи дека граѓаните нема да плаќаат ништо дополнително при прием на пратката, ниту ќе има нова обврска за уплата“, информираат од Министерството.

ДДВ-то што е наплатено при купувањето, кон државата го уплаќа овластениот шпедитер или поштенски оператор со кој платформата има договор.

Собранието веќе ги изгласа измените со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки со вредност до 22 евра. Целта е да се спречат злоупотребите каде што се увезуваше стока ослободена од данок, која потоа се препродаваше на домашниот пазар, создавајќи нелојална конкуренција.

Exit mobile version