Поранешен пилот на престижната авиокомпанија „Ер Канада“ успеал да лета со комерцијални патнички авиони речиси 17 години без соодветна дозвола, реализирајќи повеќе од 900 домашни и меѓународни летови, соопшти денеска полицијата во Онтарио.

Истрагата која ја збуни светската јавност веднаш беше пренесена од американскиот медиум „NBC News“.

„Сложена истрага за измама и фалсификување откри дека пилот на комерцијална авиокомпанија, кој целата своја кариера ја летал за Ер Канада од 1998 до 2025 година, фалсификувал дозвола што му била потребна кога бил унапреден во капетан во 2009 година“, се вели во официјалното соопштение на полицијата.

Полициската операција која го разоткрила овој фрапантен безбедносен пропуст симболично била крстена „Проект Икарус“.

„Истрагата укажува на намерен обид за заобиколување на системите дизајнирани да ја заштитат јавноста. Кога ова ќе се случи, потребна е одговорност“, изјави Нандо Јаника, претседател на Регионалниот полициски одбор на Пил.

Според официјалните податоци, лажниот капетан со години управувал со некои од најголемите и најкомплексните патнички авиони во светот.

„Службениците изјавија дека човекот летал со патнички авиони Боинг 767, 777 и 787 на повеќе од 900 домашни и меѓународни летови, превезувајќи десетици илјади патници без потребната дозвола.“

Канадските власти потврдија дека измамникот со години успешно манипулирал и со компанијата и со државните воздухопловни регулатори.

„Нашата истрага нè доведе до заклучок дека сето ова е направено без соодветна лиценца потребна за летање со комерцијални летови. Наместо тоа, веруваме дека обвинетиот погрешно ги претставил своите квалификации и пред својот работодавач и пред регулаторот“, изјави заменик-началникот на полицијата Ник Милиновиќ.

Exit mobile version