Министерот за правда, Игор Филков, одговори на пратеничкото прашање на Јована Тренчевска (СДСМ) во врска со Извештајот на Европската комисија и стагнацијата на реформите, нагласувајќи дека Министерството за правда во изминатите 18 месеци подготвило и доставило во владина процедура повеќе закони од Реформската агенда отколку во претходните години.

Филков посочи дека сите клучни закони се работени низ јавен и транспарентен процес, критикувајќи го начинот на носење закони од претходната власт.

„Законите се работени во јавен и транспарентен процес, не се носени во висококатница на Дубаи ниту на јахта во Халкидики. Повеќе нема да носиме закони во интерес на поединци и фамилии“, изјави министерот Филков.

Тој ги спомена трите клучни закони: Законот за Судски совет, Законот за јавно обвинителство и Законот за Совет на јавни обвинители, кои добиле позитивно мислење од Венецијанската комисија.

Министерот ја потсети Тренчевска на штетните измени на Кривичниот законик (КЗ) донесени во периодот на претходната влада и најави дека новиот КЗ ќе биде донесен, очекувајќи поддршка од опозицијата.

Филков, осврнувајќи се на проблемот со недостатокот на кадар, изнесе податоци за пензионирањето на судиите и обвинителите:

  • 154 судии заминале во пензија во последните пет години (од 456 систематизирани места, активни се 294).
  • Во 2022 година се пензионирале 64 судии.
  • Вкупно 53 јавни обвинители заминале во пензија за истиот период.

„Сега да ве прашам кога зборуватете за судството мислите за ова судство што вие ги пензиониравте во изминатите години кога бевте на власт, намерно или случајно беа овие бројки“, праша Филков.

Во однос на АКМИС-системот, министерот информираше дека Министерството за правда во изминатите 18 месеци спровело по две контроли во секој суд во државата, што претходно не се случувало.

Exit mobile version