Филиповски и Муцунски влегоа во жестока конфронтација за Аеродром

Кандидатите за градоначалници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници на општина Аеродром Александар Филиповски и Тимчо Муцунски влегоа во остра конфронтација на денешната дебата во „Само вистина“ на Канал 5 во која учествуваше и кандидатката на Левица, Весна Кираџиев.

Откако Филиповски во неколку наврати го обвини Муцунски дека лаже во своите ветувања, тој возврати дека фирмата на кандидатот на СДСМ добила 15 милиони евра државни пари откако неговата партија е на власт. Филиповски сепак ги демантираше овие тврдења на Муцунски.

„Вие осум години сте на државна цицка и со ништо не придонесувате. Нашата фирма обезбедува храна за 100 семејства. Таа е успешна фирма со години. Работи повеќе од 30 години“, рече Филиповски, кој ги критикуваше и ветувањата на противкандидатот за општината како нереални.

Понатаму, Муцунски побара од Филиповски да се огради од непристојната гестикулација на премиерот Зоран Заев од митингот во Аеродром.

„Господине Филиповски, еве оваа дебата е идеална прилика да се оградите од гестикулацијата која премиерот Заев ја направи и ги навреди сите жени. А, вие на тоа се смеевте и аплаудиравте. Утре, тоа може да биде и вашата сопруга, мајка. Оградете се доколку тоа не е ваш став,“ рече Муцунски и не доби одреден одговор.

Околу визиите за иднината на општината, Филиповски рече дека има план за решавање на сообраќајниот метеж и за зголемување на зеленилото, во рамките на просторните можности.

„Зголемениот сообраќај може да се реши со различни излези и влезови во самата општина за кое ние веќе имаме решение, како едно од решенијата за намалување на загаденоста е мостот АСНОМ..Она што можа да го ветам дека посебен акцент ќе ставам на чистотата и хигената,“, рече Филиповски, кој најави нов парк од 5.000 квадратни метри во делот позади просториите на Фудбалската федерација.

Муцунски најави 100.000 нови квадратни метри зеленило во Аеродром, за општината да се врати во состојбата од пред повеќе години.

„Пред 5 до 7 години Аеродром важеше за една од најчистите и најзелените општини. Јас бев во Љубљана се сретнав со министерот за животна средина на Словенија тој вети помош во обезбедување на европски фондови и искуства кои може да ги искористиме. Мора да обезбедиме и нови зелени површини, но важно е и одржување на постоечките бидејќи истите не беа одржувани,“ рече тој.

08.10.2021 - 21:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега