Филиповски: Цистерни ќе ги мијат сервисните улици во Аеродром

Следува зајакнување на капацитетите на комуналните служби во општина Аеродром. Сервисните улици по сите населби ќе се мијат со цистерни. Оваа механизација, ќе придонесе и за почисти плочници меѓу зградите, платоата, тротоарите, како и другите јавни површини, изјави Александар Филиповски, кандидат на СДСМ и коалицијата за градоначалник на општина Аеродром.

Филиповски при презентацијата на мерките за почист Аеродром, истакна дека е планирана и изведба на станица за селекција и компосторање на органиски отпад. Како што посочи, основната цел е отпадот до добие нова вредност и да се преработува.

Поголеми обврски ќе добијат и вработените по урбаните заедници, кои ќе бидат поприсутни на терен и ќе вршат надзор на состојбата со јавната хигиена. Во делот на заштита на животната средина, значаен проект е и затворањето на Усјанскиот канал. Овој потег ќе прерасне во зелена, рекреативна зона која ќе можат да ја користат сите граѓани.

– Општината редовно ќе иницира и еко – акции, каде што ќе биде вклучена целокупната јавност: општинска администрација, училишта, градинки, малите бизниси, заинтересираните граѓани, јавни личности и сите оние кои сакаат да дадат конкретен придонес за почист Аеродром. Важно е да работиме и на повисока јавна свест за нашите маала да бидат почисти, кажа Филиповски.

Кандидатот за градоначалник и тимот од советници продолжуваат и денеска со секојдневните средби со граѓани. Тие ја презентираат програмата „Најдоброто за Аеродром“, која нуди решавање на голем дел од проблемите на аеродромци.

07.10.2021 - 11:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега