Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ веќе две години работи на анти-европска агенда и нема никаква намера да ја придвижи државата кон Европската унија, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Алсат М Телевизија.

„Тоа не е ново, тоа е нешто што во континуитет оваа влада го прави две години, а тоа е да работи на анти-европската агенда. Јасен е патот напред. Јасно е што треба да се случи, од сите европски институции е јасно кажано. Треба да се случат уставните измени, кои не се никаков ризик по ниту една идентитетска одредница, да се вметнат малцинствата и натаму да почнат преговорите и отворањето на поглавјата“, рече Филипче.

Тој оцени дека Владата не работи ниту на реформската агенда, ниту на законските измени кои треба да го зајакнат системот и да ја приближат државата до европските стандарди.
„Ништо нема да се смени поради тоа што со сè што сега се случува, вклучувајќи го и неработењето на реформската агенда, која значи изменување на закони и нивно адаптирање на европските критериуми, со што нашиот систем, нашата држава ќе зајакнува, оваа влада не работи ниту има намера нешто да смени“, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ потенцираше дека владата работи за руските интереси на Балканот.
„Да ве потсетам и во контекст на антиевропското однесување на владата и во еден од претходните извештаи од европскиот парламент, јасно стоеше до знаење прво дека кредитот којшто е земен од милијарда евра од Унгарија се кинески пари и тоа чисто кинеско и руско влијание во нашата Земја преку Унгарија“ додаде Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека европскиот пат е единствениот начин државата да се развива и да ги отвори европските фондови.
„Кога ние ќе го исполниме тоа што Европа го бара од нас, да се направат уставните измени и да се отвори работата по поглавјата, ќе ни се отвораат европските фондови. Ќе има структурни фондови кои ќе ни овозможат да ја зајакнуваме инфраструктурата, автопатишта, пруги, болници, училишта, градинки, по примерот на другите наши околни земји кои влегоа во Европа изминатите години. Како зајакнаа сите земји од источниот блок изминатите децении? Само со тоа што се приклучија кон Европската унија. Тоа е единствениот начин да зајакне државата и да се надградува “, додаде претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Exit mobile version