Филипче: Веднаш почнавме разговори со Лончар околу техничките детали и времето на испорака на вакцините од Србија

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во денешното гостување во вестите на телевизија Канал 5 информираше дека по разговорот на премиерот Заев со претседателот на Србија, Вучиќ во кој е договорено Србија да и даде 8.000 Фајзер вакцини на нашата земја, веднаш започнал разговори со српскиот колега Златибор Лочнар во однос на техничките детали и точното време на испорака на вакцините.

„Најавата засега е дека тоа има шанси да се случи уште утре, но ќе видиме како ќе течат овие разговори и административните постапки во однос на самиот транспорт, приемот и пречекот на вакцините. Станува збор за Фајзеровата вакцина која заедно со Модерна е единствената која ги има сите потребни сертификати од најголемите регулатори, европската ЕМА и американската ФДА“, изјави Филипче но истакна дека сите вакцините коишто сега се достапни на пазарот се развиени на безбедна платформа и веќе се аплицираат во некои земји.

Во однос на чувањето на вакцините, министерот Филипче рече дека близу 100 илјади вакцини може да се складираат во еден фрижидер.

„Во таа смисла, фрижидерите кои ги најавувавме како донација се пристигнати, завршуваат административните постапки околу царинењето. Но, и сега во овој момент можеме да сместиме вакцини во постојните фрижидери кои ги имавме за друга намена од лабораториите на Институтот за трансфузиона медицина“, додаде Филипче.

Министерот Филипче, информираше дека денеска се враќа во функција одделението за офталмологија при интерните клиники, а од утре и одделението за оториноларингологија.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.01.2021 - 18:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега