Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска категорично ја отфрли можноста за укинување на техничката влада, оценувајќи ја како единствена пречка за воспоставување на авторитарен режим. Тој објасни дека власта на Христијан Мицкоски не сака техничка влада не поради ефикасност, туку поради страв од контрола.
Образложувајќи зошто СДСМ нема да оди на лидерска средба, Филипче беше дециден дека техничката влада е црвена линија:
„Нема средба за техничката влада и таа мора да остане. Затоа што таа е последната линија на одбрана од целосно заробување и злоупотреба на најважното, а тоа е слободната волја на граѓаните за време на изборниот процес. Јасно е дека Мицкоски е во тесно, му се брза, се бара алиби за распишување избори. Не му треба дијалог, туку покритие“, рече Филипче.
Според него, клучниот проблем за власта е моментот кога опозициски министер ќе влезе во институциите, особено во МВР:
„Тие не ја сакаат техничката влада, затоа што кога ќе влезе министерот од опозиција, ќе има увид во сите злоупотреби и во целиот коруптивен систем кој што е сега поставен. Со оглед на тоа дека ние и нашиот антикорупциски тим веќе почнавме со објавување на аферите… може само да претпоставите што се се крие по институциите. И затоа не сакаат техничка влада, затоа што тоа за оваа власт ќе значи отворање на Пандорината кутија“, рече првиот човек на СДСМ.
Филипче предупреди дека во услови на масовен дигитален надзор преку „Safe City“ и партизација на полицијата, техничката влада добива нова димензија:
„Затоа што тоа не е веќе само техничко тело за спроведување избори, туку институционално вето против воспоставување на авторитарен режим во кој функциите се над законот, а граѓаните се под постојан надзор и закана“, рече тој.

