Филипче: Состојбата со пандемијата во регионот е стабилна, граѓаните да ги почитуваат мерките

Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска беше во посета на гостиварската болница каде е пуштен во употреба модуларниот КОВИД центар.

„Ова е модел којшто го имплементираме во буквално сите градови во државата. Користиме болнички капацитет кој има 35 кревети, а целосно е опремен со медицинска опрема. Треба да пристигне и најсовремениот рентген апарат и ЕХО апаратот со сите потребни сонди за преглед, со што ќе го направи овој центар сосем соодветен за третман на сите КОВИД пациенти, а во некои други услови да продолжи да служи како тријажен или ургентен центар“, потенцираше Филипче.

Во изминатиот период, направени се значајни инвестиции во оваа јавно-здравствена установа која опслужува 200 илјади жители, кои гравитираат не само од општината Гостивар, туку и од Маврово-Ростуше, Дебар, Врапчиште итн.

„Болницата е позната по својата експертиза. Целосно се реновирани операционите сали, хируршкото одделение, а следува и реновирање на интерното одделение. Со директорот разговаравме и за некои следни планови. Оваа година после многу години за првпат болницата во Гостивар ќе добие магнетна резонанца. И тоа значи дека сите овие жители кои имаат потреба од таа услуга повеќе нема да патуваат во Скопје, туку тука ќе ги прават тие снимки. Во моментов состојбата со пандемијата во Гостивар е стабилна, меѓутоа граѓаните мора да продолжат со почитување на мерките за заштита“, истакна Филипче.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.02.2021 - 11:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега