Филипче откри дали некој пријавил несакани ефекти од вакцината АстраЗенека

Речиси 15 500 повозрасни граѓани во земјава се вакцинирани со „Астра Зенека“ и засега нема пријавена ниту една несакана реакција од вакцинацијата, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој појасни дека останува само пријавениот случај на 28-годишната девојка која имала несакани реакции по вакцинација со оваа вакцина во Србија.

-Близу 15 500 граѓани досега се вакцинирани со „Астра Зенека“ во земјава. Во текот на денот се вакцинирани околу 1000 и освен таа реакција кај девојката нема друга. Нема никаква несакана реакција официјално пријавена во МАЛМЕД која бара внимание или значење. Несакана реакција во смисла на локална реакција која се очекува после вакцината, мало црвенило, болка… не е нешто што би требало да се пријави како ефект или нешто што би било од клиничко значење, изјави министерот Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Прашан за тоа дали медицинските сестри од стоматолошки ординации ќе бидат вакцинирани, министерот за здравство истакна дека тоа ќе се случи наскоро бидејќи и тие како здравствени работници се на приоритетна листа. Тоа што досега не биле вакцинирани, појасни, можеби се должи на некои техники пропусти.

-Можеби станува збор за некои технички пропусти, но тоа ќе се надмине, бидејќи и тие како здравствени работници се во приоритетна група за вакцинирање, рече министерот за здравство. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.04.2021 - 14:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа