„По изборите, Максим Димитриевски и ЗНАМ одат во политичка пензија. Нивниот рејтинг паѓа. Ги чека пораз и во Центар и во Куманово“, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче вечерва од големиот граѓански собир под мотото „Се бориме за нашиот дом“ во Куманово.

Филипче нагласи дека пропаднаа обидите на Мицкоски и ЗНАМ да го поделат СДСМ.

„Сакам да им испратам и јасна порака на сите добронамерни социјалдемократи, многу од нив наши другари и другарки, кои решија револтот кон СДСМ на минатите избори да го искажат со глас за ЗНАМ. Вашиот протестен глас го разбирам, но ве повикувам да се вратите дома. Се бориме за враќање на вистинскиот коректив на оваа ненародна власт, силна, чесна СДСМ што им служи на граѓаните“, истакна Филипче.

Во своето обраќање пред многубројните граѓани во Куманово, Филипче, нагласи дека Димитриевски и ЗНАМ, наместо отпор покажаа сервилност кон ДПМНЕ, а наместо нова енергија и правда – криминални продажби и лично богатење.

„Максим Димитриевски ветуваше борба за правда, социјалдемократски политики и корекција на власта. Што добивме? Наместо борба и корекција, станаа декор во владата за лични интереси. Молчат и одработуваат. Веднат глава пред оние кои ги газат социјалдемократските вредности. Гласот за ЗНАМ е глас да продолжи ВМРО-ДПМНЕ да владее со партизацијата, со сеење страв, со неспособност. И затоа сега е време за обединување“, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче од големиот митинг на СДСМ и Коалицијата во Куманово.

Exit mobile version